Утрински Весник
Македонија

Вечерњи лист: Во Хрватска би можеле да се вратат дури 50.000 иселеници

Вечерњи лист: Во Хрватска би можеле да се вратат дури 50.000 иселеници

7 април 2020

Вечерњи лист

Поради кризата предизвикана од коронавирусот, во Хрватска почнаа да се враќаат иселениците кои ги загубија своите работни места во земјите на ЕУ, но и оние кои сега сакаат да бидат со своите семејства, во безбедноста на својот дом, свесни дека ќе им биде потешко и поскапо да се разболат во странство. 

Доколку кризата трае подолго, бројот на иселеници кои ќе се вратат само ќе се зголеми, затоа што како странци ќе бидат меѓу првите што ќе ги загубат работните места.

Демографот Стјепан Штерц истакнува дека не е сигурно дека во Хрватска ќе се вратат втората и третата генерација  иселеници затоа што тие се етаблирале надвор и нема да ги напуштат своите места на живеење.

– Ќе се враќаат иселениците кои ја напуштија Хрватска последниве години, бидејќи поради кризата тие ќе останат без работа и не можат да плаќаат скапи кирии во ЕУ. Во оваа ситуација, се очекува луѓето да се вратат во безбедноста на својот дом. Тешко е да се процени колку ќе има, но ако претпоставиме дека од влезот на Хрватска во ЕУ се иселиле околу 350.000 граѓани и дека голем број од нив ќе ги загубат своите работни места во кризата, потенцијално до 50.000 ќе се вратат во Хрватска, смета Штерц.

Тој додава дека тоа не значи дека сите ќе се вратат веднаш, туку некои оваа година и во следните неколку години.

Бројот на повратници, додаде тој, исто така ќе зависи од тоа како Хрватска ќе реагира на економската криза и дали ќе развие модели за нивно враќање.

–  Ваквите кризи покажуваат дека националниот концепт на државата е важен затоа што сите стратешки решенија на државите се носат внатре во границите. За да се развиеме, ние мора да се потпреме на нашето вкупно богатство и население, без разлика дали е во или надвор од земјата. Треба да развиеме стимулативни модели за враќање на иселениците, не само во смисла на физичко враќање, туку и кога станува збор за инвестиции во Хрватска. Ако инвестираат во Хрватска, треба да бидат ослободени од плаќање на некои даноци затоа што нашата економија нема да може да се развива со таква сила на природен пад на населението, вели Штерц.

И во оваа криза, додава, се покажува колку е неопходно да се прифати стручниот образовен пристап и тоа не само сега, а откако ќе се излезе од кризата да се занемари струката, бидејќи со државата не може да се управува само политички.

Владата својот став за враќањето на иселениците го соопшти преку портпаролот Марко Милиќ.

– Владата на Република Хрватска, од почетокот на мандатот, се залага за јакнење на врската меѓу татковината и иселениците. Внимателно ја следиме ситуацијата и јасно е дека сите хрватски државјани кои сакаат да се вратат во татковината се добродојдени и ќе ги разгледаме сите опции за да им помогнеме и да им го олесниме враќањето во Хрватска, велат од Владата и додаваат дека поради пандемијата на Ковид – 19 обезбедена е и репатријација на голем број хрватски државјани од голем број земји. паг/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Заплена на нелегални дрва, приведен и вработен од „Македонски шуми“

Што може да донесе утрешниот Конгрес на СДСМ?

Во Битола санирани проблемите од вчерашното невреме