Утрински Весник
Македонија

Тивките херои во борбата против Ковид-19: Спасуваат животи со помош на 3Д принтери

Тивките херои во борбата против Ковид-19: Спасуваат животи со помош на 3Д принтери

Пораките се сменуваат од минута во минута: „Голема благодарност за визирите, ПЗУ Св. Пантелејмон!“, „Штотуку пристигнаа визирите во Институтот за медицина на трудот, голема благодарност до Бојан Трајковски, Ненад Лазаров и дечките од 3Д Принт!“, „Дечки, супер сте!“. Во Фејсбук групата 3Д Принт медицинска опрема овие денови постојано пристигнуваат нови информации за испорачани заштитни визири, кои доброволците, собрани околу идејата за изработка на заштитна опрема за медицинските лица во државата ги дистрибуираат онаму каде што е најпотребно, но и зборови на благодарност од оние кои веќе ги добиле.

Администраторите на групата се обидуваат да им објаснат на над 20.000 членови дека доволно уплаќаат донации бидејќи собрале над 600.000 денари, повеќе од доволно за да изработат визири за сите медицински лица во земјата.

А потребите се огромни. Додека расте бројката на новозаболени пациенти и лица кои се третираат како заболени или се тестираат на присуство на корона-вирусот, расте и бројката на медицински лица, лекари и помошен медицински персонал, кои се инфицирани од Ковид 19. Последните податоци, во моментот на пишувањето на овој текст велат дека во земјава има 52 заболени здравствени работници, од кои 34 се заразиле на своите работни места.

Станува збор за група ентузијасти кои решиле директно да им помогнат на сите медициснки лица во земјава преку изработка на визири со помош на печатење во 3Д техника. Групата се обратила до неколку индивидуалци и компании кои се занимаваат со печатење во 3Д техника, побарале извори на потребните материјали за изработка на сигурносните визири како и волонтери за помош при дистрибуцијата на заштитните маски. Се одзвале многумина, и поединци и компании.

„Идејата се појави пред 12 дена, а иницијатор е мојот колега, докторот ортопед Александар Каревски, кој, покрај лекарската професија се занимава приватно и со 3Д принтинг. Идејата беше да направиме група во која ќе се обидеме да ги споиме медицината, 3Д печатењето и инженерингот за да осмислиме на кој начин можеме конкретно да им помогнеме на колегите кои буквално стојат на првата линија на одбраната во битката со епидемијата“, вели Бојан Трајковски, кој е основач и администратор на групата 3Д Принт медицински материјал.

Тие сметале дека идејата нема да привлече големо внимание и дека ќе бидат не повеќе од 200-300 луѓе.

„Она што се случи по само неколку дена, ги надмина сите наши прогнози и очекувања“, вели Трајковски.

Најпрвин изработиле неколку протитипови, кои потоа се тестирале за да видат кои од нив ги задоволуваат сигурносните протоколи во медицината, да проверат кои можат да бидат соодветно стерилизирани, дали се токсични и да го определат материјално што најмногу одговара.

„Сакавме да изнајдеме најдобро можно решение во дадените околности кога на лекарите и персоналот им треба бариерна заштита пред сè на лицето, а знаеме дека вирусот влегува преку устата, носот и очите. Помошта на нашите колеги им е неопходна“, вели Бојан Трајковски нагласувајќи дека секој здравствен работник кој ќе се заболи од Ковид-19 значи „влошено ниво на здравствена заштита на барем 100 идни пациенти“.

Со помошта од граѓаните преку донации и од компаниите и поединците кои имаат 3Д печатачи, досега се изработени и дистрибуирани над 2.600 заштитни визири.

Како што велат, планираат да изработат помеѓу 7 и 15 илјади парчиња, во зависност од согледаните потреби. Но, посочуваат дека нема да застанат тука, бидеќји постојат и други професионални ангажирани лица во и околу здравството се секојдневно изложени на опасност од зараза со корона вирусот.

Според Бојан, тивките херои на оваа приказна се луѓето собрани околу 3Д принт медицинска опрема.

„Тие самите се понудија да се вклучат без никаков надомест, со искористување на материјалите и на ресурсите кои тие ги имаа“ вели Трајковски.

Но, кога стана јасно дека размерите на епидемијата се далеку поголеми од првичните очекувања, а со тоа се зголеми и потребата за заштита на вработените во медицинските установи, тие ги повикале граѓаните да донираат, кој колку може. Овде се соочиле со второто големо и пијратно изненадување: за рекордно време ги собрале сите потребни средства, па дури стигнало до таму што морале да бараат од луѓето за запрат со донации.

„Хуманоста и желбата да се помогне ги надмина сите наши надежи и очекувања“, вели Бојан Трајковскикој заедно со колегите Ненад Лазаров, Александар Каревски и Борислав Калковалиев кои се вклучени во оваа акција, се членови на Асоцијацијата на млади лекари и специјализанти.

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

Почнува кампањата „16 дена активизам против родово базирано насилство“

Студено утро со температури и до минус 11 степени

Скопје никако да се спаси од загадувањето, повторно во топ 10 најзагадени градови во светот!