Утрински Весник
Македонија

Општинскиот Кризен штаб на Кочани бара ограничување на движењето како во Куманово

Кочани, 5 април 2019 (МИА) – Општинскиот Кризен штаб на Кочани на денешната итна седница донесе одлука да побара од Владата исти заштитни мерки како што важат во Куманово, односно за дополнително ограничување на движењето на граѓаните од понеделник до петок во периодот од 16 до 5 часот, а за викендите од 16 часот во петок до 5 часот во понеделник.

Причина за ова е брзиот пораст на бројот на лицата во регионот кои се позитивни на коронавирусот, при што е утврдено дека постојат три жаришта на ширење на заразата меѓу кои едното е во Зрновци. Поради тоа службите и понатаму ќе спроведуваат епидемиолошки анкети за да се детектираат потенцијално заразени лица.

-Општината ќе им наложи на вработените во јавната администрација кои го немаат искористено годишниот одмор од минатата и првиот дел од оваа година да го сторат тоа заклучно со 31 мај, за да се намалат социјалните контакти. Исто така, во комуникација со месните заедници ќе се формираат месни Кризни штабови што треба телефонски ќе споделуваат информации со надлежните, заради следење на состојбата во микросредините на живеење, истакна градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев.

Од Центарот за јавно здравје во Кочани информираа дека ги очекуваат резултатите  за направените 60 тестови, со предупредување дека се очекува во наредните денови бројот на заразени рапидно да се зголемува.

На состанокот на Кризниот штаб беше заклучено Општата болница и Центарот за јавно здравје да достават список со потребната опрема за заштита на целиот медицински персонал во општината. Исто така, Општината ќе им наложи на локалните маркети, наплатнитe центри и банкитe да организираат редарска служба заради почитување на социјалната дистанца и намалување на метежот што се создава пред нив.

Градоначалникот Илијев јавно апелираше до граѓаните да ги почитуваат мерките за заштита, совесно да се однесуваат на социјалните мрежи и да не споделуваат лажни информации или јавно да ги жигосуваат лицата кои се заболени.та/скс/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Бишев: Јавниот долг до крајот на годината би изнесувал околу 68,5%

Нов земјотрес вечерва повторно ја стресе Македонија

Перински: ЈП „Улици и патишта“ нема пари за плата, а не пак да чисти снег