Скопје, 5 април 2020 (МИА) – Ова е најсериозниот предизвик не само за нас, туку и за светот по Втората светска војна, затоа што пандемијата одамна излезе од здравствениот сектор и почна да ја притиска глобалната економија. Глобални зарази имало и порано, но тие никогаш не ги погодиле и најсиромашните и најбогатите земји на светот во исто време, така што, практично, немате дел од планетата од каде што може да побарате помош. Отежнувачка околност е што лек за болеста нема, а дури и најоптимистичките сценарија за пронаоѓање и примена на вакцина шпекулираат со крајот на годината.
Ова го оценува претседателот Стево Пендаровски во интервју за Фактор, додавајќи дека фразата дека ние сме дел од светот овојпат е потполно точна и во географска и во суштинска смисла, а, нашата единствена шанса да ја пребродиме кризата е само во сојуз со останатите, особено со земјите – членки на НАТО и Европската Унија.
Претседателот истакнува дека евентуално воведување порадикални мерки ќе се случи само ако постои таква проценка од надлежните органи, според кои, како што вели, досега применуваниот концепт дава резултати и спречува геометриска прогресија.
-Прогресијата во бројот на инфицирани и починати се случува практично секаде во светот, дури и во Вухан се зборува за втор бран. Но, споредбено со регионот и со европските земји, ние сме далеку од најзагрозената група на држави. Како што беше констатирано и на последниот Совет за безбедност, во однос на рестриктивните мерки ние бевме меѓу првите во Европа кои во тој дел реагираа на време и со воведување на вонредната состојба и со полицискиот час. Евентуалното воведување на порадикални мерки ќе се случи само ако постои таква проценка од надлежните органи, според кои, досега применуваниот концепт дава резултати и спречува геометриска прогресија, истакнува претседателот.

