Утрински Весник
Македонија

Спасовски, Шекеринска и Димитров со честитики по повод Денот на НАТО – Ги гледаме придобивките од нашето членство

Спасовски, Шекеринска и Димитров со честитики по повод Денот на НАТО – Ги гледаме придобивките од нашето членство

Скопје, 4 април 2020 (МИА) – Премиерот Оливер Спасовски, вицепремиерката и министерка за одбрана Радима Шекеринска и министерот за надворешни работи Никола Димитров упатија честитка по повод 4 Април, Денот на НАТО.
Како што соопшти владината прес-служба, Спасовски во својата порака истакнува дека по децении сонување дојде денот што и ние ќе го одбележиме како полноправна членка на НАТО.
-Денес, може да си честитаме заедно што ја остваривме нашата стратешка цел и ги исполнивме заложбите на сите изминати генерации. Благодарение на одлучната определба на вас, граѓаните, на заложбата на оваа Влада, на решените спорови со соседите и тешките реформи кои ги спроведовме, денес сме дел од најсилниот политички и воен сојуз во историјата на човештвото. Со нас, НАТО брои 30 држави. Сојузници сме со најмоќните  во светот, стоиме рамо до рамо, посветени на заедничкиот систем на колективна безбедност, вели премиерот Спасовски.
Тој подвлекува дека веќе ги гледаме придобивките од нашето членство во НАТО. Побезбедни сме, постабилни и НАТО ни помага во борбата со коронавирусот и додава дека кога ќе се вратат работите во нормала, ќе дојдат и поголемите економски придобивки.
-Бидете безбедни затоа што државата е безбедна. Ние сме НАТО! Нека ни е среќен и вековит Денот на НАТО!, се вели во честитката на премиерот Спасовски.
Вицепремиерката и министерка за одбрана Шекеринска подвлекува дека изминатите години, секоја година на овој ден го подигавме знамето на НАТО како знак на нашите желби.
-Денес тоа е знак на нашиот успех – знамето на нашата земја се вее со знамињата на 29 други земји, како членка на најмоќната Алијанса. Успеавме. По 30 години говори, ветувања и надежи. На овој пат, овој успех, не бевме сами. Одевме заедно со огромно мнозинство наши граѓани, кои не се откажаа и не потклекнаа, вели во пораката Шекеринска.
Таа додава дека заедно со нашите стратешки сојузници САД, Турција, Велика Британија, Германија, Италија, Норвешка, и со сите останати, како и со нашите соседи и денеска сме обединети во битката против коронавирусот.
-Веќе го активиравме НАТО инструментот и ќе ја добиеме помошта што ни е потребна. Честит да ни е денот на Алијансата! Заедно сме посилни! Заедно ќе успееме!, порачува во честитката Шекеринска.
Министерот за надворешни работи Никола Димитров, по повод одбележувањето на  71-от роденден на Алијансата, во упатената честитка подвлекува дека Денот на НАТО, од 27-ми март годинава, е и наш ден и го славиме заедно со 29 наши сојузници.
-Во услови кога не сите прашања на Балканот се затворени, за нашата државност и за нашите граници веќе нема ниту еден прашалник! Македонски народе, драги сограѓани Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци и сите други: Да ни е честита нашата заедничка куќа, што сега е далеку побезбедна. Ослободени од ова гајле, до нас е да си ја уредиме и да си ја направиме успешна, за сите да се гордееме!, истакнува во својата порака министерот Димитров.
-Ќе нè биде!“, порачува во честитката министерот Димитров честитајќи го денот на формирањето на НАТО Алијансата.скс/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Следната недела разговори за зголемување на минималната плата

УХМР: Од петок студен бран во Македонија – се очекуваат поројни дождови

Уште еден земјотрес ја стресе Македонија