Скопје, 4 април 2020 (МИА) – Значително намалување на превисоките плати и намалување на патните трошоци на сите функционери, како и сите привилегии, но и укинување на доживотните пензии на поранешните претседатели побараа денеска од Здружението на граѓани „Цивил“.
Тие преку соопштение посочија дека во период на пандемија и вонредна состојба за спречување на заразата, со распуштен Парламент и одложени парламентарни избори, не се возможни големи промени во легислативата, но може да се започне со подготовки за да им се излезе во пресрет на овие барања.
– Во денови кога светската економија е на колена поради справувањето со кризата предизвикана од пандемијата на КОВИД-19, ЦИВИЛ смета дека е крајно време да се стави крај на привилегиите на функционерите кои изминатите децении го пустошат буџетот на земјата. Сега, повеќе од кога и да е порано, дојде време кога треба да се мисли на парите на граѓанките и граѓаните, посочија од Цивил.
Здружението смета дека е потребно да се потсетат политичките партии на барањата од Иницијатива за укинување на привилегиите на функционерите, доставена до службите во Собранието во мај 2019 година и очекуваат од новиот парламентарен состав да ги прифати и спроведе овие барања.
-Бараме укинување на апанажите на било кое ниво за било која позиција, укинување на доживотните пензии за поранешните претседатели, до моментот кога тие исполнуваат услови за пензија, соодветно на примањата што ги имале во текот на работниот век, укинување на парични и други надоместоци за сите управни одбори, односно позицијата во тие и слични тела треба да биде почесна, а не платена, информира Цивил.
Од Здружението бараат укинување или спојување на државните агенции, со намалување на бројот на вработени и укинување на сите привилегии што се поврзани со користење службени возила, репрезентации, обезбедување на функционерите и други прескапи привилегии.
-Бараме драстично намалување на патните трошоци на функционерите, поточно, обезбедување средства во висина на цената за јавен превоз. Да се воспостави пракса на забрана за набавка на службени возила од средна и висока класа. Укинување на дискрециските овластувања на функционерите, се наведува во соопштението на Цивил.
Оттаму информираат дека потребно е и значително намалување на превисоките плати на избраните и именуваните функционери. Намалување на бројот на пратеници во Собранието од 120 на 80 пратеници; Намалување на министрите во Владата на максимум 10 и укинување на функцијата Министер-ка без ресор.
ЦИВИЛ ги поздравува мерките на Владата за намалување на примањата на функционерите, и ја поддржува иницијативата да се вратат буџетските средства на политичките партии во заедничката каса на граѓанките и граѓаните. Организацијата ги повикува сите политички партии, без маневри и условувања, да ја прифатат иницијативата за враќање на парите од партиите во буџетот. бт/вј/