Утрински Весник
Македонија

Уриваме рекорди – лани сме увезле 41.479 половни возила (инфографик)

Уриваме рекорди – лани сме увезле 41.479 половни возила (инфографик)

Дури 41.479 половни возила биле увезени лани во нашата земја, покажуваат податоците на Царинската управа. Станува збор за втора рекордна година по бројот на увезени стари возила откако во 2009 година беше дозволен увозот на половни возила под поволни услови. Најголем дел од она што пристигнува од странство се патничките автомобили, и тоа вкупно 38.580 само во текот на 2019 година. Во периодот на изминатава деценија, Македонија успеала да увезе фантастични 339.519 употребувани автомобили, камиони и автобуси од странство.

Статистичките бројки на Царинската управа покажуваат дека од година во година расте и побарувачката за нови возила на македонскиот пазар. Во 2019 година во земјава биле увезени 7.490 нови возила, што е најголема бројка по рекордот постигнат во 2010 година. Забрзаната моторизација на македонското население веќе престана да доведува до опаѓање на староста на возниот парк во земјава, а тоа особено е видливо кај автобусите што ги користат автотранспортните претпријатија.

Од друга страна, континуираното доведување на европскиот „крш“ од возила во нашата земја веќе предизвикува сериозни проблеми во градовите. „Мета.мк“ веќе пишуваше дека бројот на новоотворени паркинг места во македонските градови е за над 10 пати помал во споредба со бројот на новорегистрирани автомобили во земјава. Во некои градови, како што е случајот со Скопје, неофицијалните проценки покажуваат дека недостигаат околу 8.000 паркинг места за возилата.

Поради галопирачкиот раст на увозот на возила, општинските власти имаат многу редуцирани податоци за тоа колку паркинг места навистина недостигаат низ градовите, но со неконтролираниот увоз се отежнува и прогнозирањето на идните потреби за паркирање во општините. Значајно влијание од постојаното зголемување на бројот на возила може да се почувствува токму на оние локации каде и во моментов има најголем недостиг од паркинг места, како што е случајот со центарот на Скопје.

Рапидниот раст на бројот на увезени возила влијае врз зголемувањето на сообраќајниот хаос во градовите и уништувањето на зелените површини што се користат за паркирање, а особен проблем се старите возила кои придонесуваат за зголемување на загадувањето на воздухот со испуштањето на штетни издувни гасови.

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

Филипче: СДСМ не е лична сопственост ниту на Бранко, ниту на Заев, а најмалку моја

Филипче: Ароганцијата ќе ја закопаме длабоко под земја

Ахмети од Швајцарија: Без Албанците, Северна Македонија нема иднина