На денешната вонредна седница која се одржа на отворено, пред бараките на Град Скопје, Советот на Градот, помеѓу точките кои се однесуваа на носењето вонредни економски мерки поради епидемијата на корона-вирусот, како и на финансиското работење на градот и институциите кои спаѓаат во негова надлежност, ја изгласа и одлуката за прогласување на парк-шумата Водно за заштитен предел. Одлуката за ставање на Водно под овој степен на заштита, која беше донесена без дискусија, се базира врз Студијата за валоризација на заштитеното подрачје Парк-шума Водно, изготвена на барање на Град Скопје минатата година. Оваа Студија лани предизвика жестоки критики на дел од стручната јавност како и кај активистите за заштита од Го сакам Водно.
„Градот Скопје финансираше изготвување на Студија за утврдување на природните вредности и просторната идентификација на границите на парк-шумата Водно во 2009 година и истата со Предлог од Советот на Град Скопје, ја достави до Министерството за животна средина во 2010 година“, се вели во образложението на одлуката на Градот за проласување на Водно за заштитен предел.
Според Град Скопје, откако од Министерството за животна средина изминативе десетина години не било постапено по овој Предлог на Советот на Град Скопје, Градот, во соработка со агенцијата УНДП изготви нова Студија за валоризација на заштитеното подрачје Парк-шума Водно,која е во согласност со Правилникот за содржината на студијата за валоризација или ревалоризација на заштитено подрачје од 2012 година и со неа се ревидираше претходната студија.
Новата студија ги опфати сите новонастанатите состојби во просторот, а со тоа и сите урбанистички нарушувања и инфраструктурни зафати кои на Водно му се случија во изминатата декада. Од Градот сметаат дека Студијата за валоризација на заштитеното подрачје Парк-шума Водно претставува целосен стручен документ врз основа на кој МЖСПП ќе ја спроведе процедурата за прогласување на Парк – шумата Водно за заштитен предел.
Оваа студија беше критикувана поради што таа предлага низок степен на заштита на парк-шумата, а предвидува значителното намалување на подрачјето на заштита, а претставува основ и за натамошна изградба на објекти и зголемување на обемот на дозволените стопански активности на Водно, односно негова натамошна урбанизација.