Скопје, 3 април 2020 (МИА) – Сé уште не решен проблемот со задржувањето на македонските камиони на турските граници и застојот на транспортот во Турција, а се прават напори и за обезбедување суровини од регионот за потребите на домашните производствени компании, соопшти денеска Стопанската комора на Македонија.
– Ова се тешки времиња во кои не е лесно да се обезбеди достапноста на важни производи, суровини и репроматеријали. Затоа, проодноста на транспортните коридори, брзиот и непречен проток на стоките е еден од врвните приоритети. За да помогне во таа насока, претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески е во континуирана комуникација со колегите од сите стопански комори од регионот. Комуникацијата се одвива преку мрежата на Коморскиот инвестициски форум и мрежата на Асоцијацијата на европски комори за комерција и индустрија, рече во денешното видео-обраќање главниот советник за економски прашања на Управниот одбор на Комората, Зоран Јовановски.
Според него, целта е да се обезбеди непречено снабдување на македонските компании со суровини и репроматеријали, особено за производите кои се неопходни за задоволување на основните животни потреби на населението и производите кои се поврзани со справување и спречување на ширењето на коронавирусот.
– Пример е проблемот со снабдувањето со меласа, која е основна суровина за производствените процеси, конкретно, за потребите на Фабриката за квасец и алкохол од Битола. Снабдувањето е попречено поради воведените мерки во Србија и Хрватска за забрана за извоз на определени производи заради обезбедување првенствено на потребите на нивниот домашен пазар, истакна Јовановски.
Решавањето, пак, на проблемот со транспортот во Турција, додаде, не оди лесно и брзо и бара упорност. Во тој контекст, Азески ја продолжил комуникацијата со претседателот на Унијата на турските комори и стоковни берзи, Рифат Хисарчиклиоглу.
– Како резултат на тоа, претставници на Унијата на турските комори и стоковни берзи се во континуирана комуникација со турското Министерство за трговија со цел надминување на проблемот, нагласи Јовановски. мч/сп/