Скопје, 3 април 2020 (МИА) – Бројот на заболени со новиот коронавирус во светот надмина еден милион. Најголем број заболени има во САД, Италија и Шпанија. Во земјава вчера се регистрирани нови 30 случаи со што бројката на заболени е 384 лица. Надлежните го очекуваат пикот кон крајот на април, а покрај веќе преземените мерки, од следната недела во целосна функција ќе биде ставена и мобилната болница со која треба да се дуплира капацитетот на Инфективната клиника.
– Искрено се надевам дека нема да биде потребна. Сега засега нешто над 50 проценти е пополнет капацитетот на Клиниката, изјави вчера министерот за здравство Венко Филипче кој ја посети локацијата каде е сместена болницата заедно со вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска и скопскиот градоначалник Петре Шилегов.
Филипче верува дека ќе имаме крива на прием на нови пациенти кој ќе биде практично амортизиран од Клниката за инфективни болести.
Во мобилната болница ќе има 130 кревети, а според министерот, локацијата е добра бидејќи тука е и центарот на експертизата, односно специјалистите по инфективна медицина, медицинските сестри и резервниот тим од другите клиники.
Според вицепремиерката Шекеринска, не е задоцнето поставувањето на мобилната болница бидејќи би било неодговорно болницата да биде активирана пред пет недели и во неа да нема ниту еден пациент.
– Болницата треба да биде тука, тогаш кога капацитетот на Инфективната болница се пополнува. Ако денеска имаше пациенти кои не може да бидат примени, да, јас ќе кажев некој задоцнил. Но, ние сме предвреме подготвени за евентуална потреба од зголемување на капацитетот, рече вчера Шекеринска во изјава за медиумите.
Од друга страна, во земјава се најавуваат и донации од европските држави. Холандија веќе најави две илјади тестови и кабинет за дијагностика на Ковид 19 со кој треба да се дуплира капацитетот на сегашната лабораторија во Институтот за јавно здравје.
На земјава и е одобрен и пристап до Европскиот солидаран фонд, што значи дека ќе учествува во заедничките постапки за набавка на материјали и потреби за здравствените институтции.
Направени се и вкупно 4.117 тестови што во однос на регионот ја става државава во поволна ситуација односно во групата на земј со направени најголем број тестови на милион жители. Пред нас, е само Словенија.
– Од вкупниот број земји во светот, ние сме меѓу првите 30-40 што сметам дека е одличен резултат и сакам да потенцирам дека не станува збор само за бројка на тестови, туку целокупен пристап кон идентификување на пациентите, нивните контакти, кластерите на заболени, посочи министерот Филипче на вчерашната редовна прес-конференција во Владата.
Појасни дека оние кога имаат направено тест со антитела, мора да го направат и тестот за присуство на вирусот бидејќи тестовите за присуство на антитела само покажуваат сомнеж дека некој е носител на вирусот.
– Тестовите на антитела само поставуваат сомнеж дека некој е носител на вирус и затоа кај сите коишто ги прават тие тестови, мора задолжително да се направи тестот за присуство на вирусот, вели Филипче.
На Клиниката за инфективни болести хоспитализирани се 64 пациенти. Во изминатите 24 часа примени се шест нови пациенти. Осум се со потешка клиничка слика, а неколку пациенти се во сосема добра состојба и тие ќе се тестираат во следните неколку денови со цел да се анализираат состојбите и доколку се негативни во два наврата ќе бидат испишани. бак/ев/