Утрински Весник
Македонија

Желбите на децата со аутизам се детски: здравје, радост и смеа за сите

Желбите на децата со аутизам се детски: здравје, радост и смеа за сите

Крива Паланка, 2 април 2020 (МИА) – Искрен и отворен пристап е она што ги карактеризира дечињата, сите, без исклучок, а желбите на лицата со аутизам, чиј ден се одбележува денеска, 2 Април, се исти, детски, да има здравје, смеа и радост за сите, порачува Марина Ристовска, мајка на дванаесетгодишниот Милан Ристовски од Крива Паланка.

Марина Ристовска е мајка на дете со аутизам, Милан, кое посетува редовна настава во ООУ „Јоким Крчовски“, каде таа воедно работи и како одделенски наставник. Милан, вели, работи по индивидуална образовна програма, ИОП, која таа му ја пренесува, го едуцира и сега, дома, во изолација, во која сите сме принудени да живееме.

-Милан е темпераментен и интелигентен, од самиот почеток на воспитно образовниот процес е во редовната настава, до петто одделение одеше на училиште во придружба од дефектолог, а сега со моја поддршка. Како и да е, тој многу го сака училиштето, а сега кога се дома е разочаран што не може да оди и да ги види другарчињата и наставниците, раскажува Марина.

Сепак, со учењето од далечина и со интернетот, Милан е во контакт со другарите и соученичките, па денес, тие заедно со класната му приредија изненадување и му подготвиле презентација,на што тој многу се израдувал.

– И минатата година и денес заедно со другарчињата го одбележавме овој датум, зашто тие многу го засакаа и многу го почитуваат. Инаку, секојдневно, сега откако не е на училиште, работиме по индивидуална образовна програма, цртаме, учиме, креираме, пееме. Секојдневно ја подготвува и училишната чанта со надеж дека утре ќе се врати во училишните клупи, додаде Ристовска.

Марина упати порака до сите по повод денот на лицата со аутизам.

-Децата со аутизам се различни, а исти, доколку ги запознаете, можете само да ја почувствувате нивната позитивна енергија и различниот поглед на светот, кој е поинаков, но истовремено ист, како кај секој човек на планетата земја, додаде Марина. ид/мч/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Квалитетот на водата на „Езеро Младост“ полош од лани, итно да реализираат одамна донесени мерки за спас на езерото

Православната црква во Америка ја призна автокефалноста на Македонската православна црква

Тренчевска: Граѓаните тонат во сиромаштија, власта нема нема стратегија за заштита на животниот стандард