Брисел, 2 април 2020 (МИА) – Руското Министерство за надворешни работи издаде соопштение со кое се обиде да го омаловажи и потцени неодамнешното зачленување на Северна Македонија во НАТО, наведува бриселскиот портал „Еурактив“, оценувајќи дека членството на земјава во Алијансата претставува „нов удар на надежите на Москва дека ќе го задржи своето влијание врз Западниот Балкан, откако претходно и Црна Гора и Албанија му се приклучија на Пактот.
Порталот потсетува дека македонското знаме беше подигнато пред седиштето на НАТО во Брисел на скромна церемонија и со мало медиумско внимание, како резултат на пандемијата на коронавирусот.
– Се чини дека Русија профитираше од ова, нагласувајќи го недостигот на помпа во споредба со претходните проширувања на НАТО, додава „Еуроактив“.
Порталот наведува и дека руското Министерство за надворешни работи излегло со иронични коментари на изјавите на министерот за надворешни работи Никола Димитров дека и покрај вонредната состојба во земјава, македонските лидери сепак одвоија време да го одбележат историското значење на зачленувањето во НАТО, што, како што нагласи шефот на дипломатијата, ќе обезбеди стабилност и безбедност на државата и претставува исполнување на „заветот на нашите татковци и дедовци“.
„Еурактив“ истакнува дека руското МНР забележува оти Димитров не споменал оти официјалниот датум на нашето зачленување во Алинасата, речиси се поклопил со годишнината од почетокот на нападите на НАТО врз тогашна СР Југославија.
Порталот наведува дека за време на воздушните напади на НАТО врз СРЈ, што траеја од 24 март до 10 јуни 1999 година, „Република Македонија индиректно страдаше заради приливот на многу бегалци од Косово“.
– За разлика од Белград, кој објави дека никогаш нема да стане членка на НАТО, Скопје постојано бараше зачленување во НАТО. Главната пречка беше ветото од соседна Грција, поттикнато од спорот околу името на земјата, што беше решен со Договорот од Преспа од 12 јуни 2018 година, потсетува „Еурактив“, додавајќи дека Русија се обидела да поентира и од тоа посочувајќи на некакви „правни нерегуларности за начинот на ратификкација на Преспанскиот договор, а особено за нискиот одѕив на референдумот што се одржа во Северна Македонија на 30 септември 2018 година“.
Порталот наведува дека Министерството за надворешни работи на Русија во соопштението истакнува дека „согласно националното законодавство, излезеноста на референдумот за членство во ЕУ и НАТО на 30 септември 2018 година била прениска, за резултатот да биде валиден“.
„Еурактив“ нагласува дека Русија дополнително забележува оти „слаба земја како што е Северна Македонија, тешко дека ја зголемува моќта на Алијансата“ и дека „не придонесува дополнително за европската, регионалната или националната безбедност“,
Според порталот, Москва се обидува да ги потцени и придобивките за земјава од членството во НАТО, оценувајќи ги како „сомнителни“ и посочувајќи дека „Алијансата не е секогаш во можност со сигурност да ги заштити своите членки“ и дека „македонската нација ќе мора да ја плати цената со откажување на својот суверенитет за воено-политички и други прашања“.
– Русија се надеваше на одолговлекување на ратификацијата на приемот на Скопје во НАТО од страна на земји членки и сметаше на антизападната опозиција во самата Македонија, надевајќи се дека на власт ќе дојде националистичката партија ВМРО-ДПМНЕ на поранешниот премиер Никола Груевски и ќе ја наруши агендата за пристапување кон НАТО, заклучува „Еурактив“. сп/са/