Прилеп, 1 април 2020 (МИА) – Прилепскиот градски пазар ќе се отвори по неколкудневното затворање зашто предизвикува навалици пред маркетите и пиљарите, одлучи прилепскиот кризен штаб. За ова Штабот се реши зашто и покрај мерката за забрана за групирање на граѓаните и препораките за одржување меѓусебно растојание од минимум два метра, пред маркетите и пиљарите во градот се создаваа огромни редици и гужви, што доведе до зголемување на опасноста од ширење на коронавирусот.
Според прилепскиот градоначалник, градскиот пазар од утре ќе функционира според заострени мерки, секој работен ден од 8 до 15 часот.
-Согласно одлуката на Владата за ограничено движење на повозрасната категорија граѓани, апелираме пензионерите и граѓаните над 65 годишна возраст да пазарат од 8 до 11 часот, а сите други од 11 до 15 часот. Упатувам апел, особено до нашите помлади сограѓани, да се придржуваат на овие препораки, со цел повозрасните граѓани да бидат што помалку изложени на ризик од инфекција со коронавурисот. На сите продавачи и закупци на тезги ќе им бидат поделени заштитни маски, ракавици и штитници за лице, на влезовите од пазарот ќе бидат поставени средства за дезинфекција, а ќе бидат ангажирани и зголемен број редари, кои ќе помагаат во одржувањето на редот во пазарот, изјави Јованоски.
На првата наредна седница Јованоски ќе му предложи на Советот на Општината да донесе сет економски мерки, меѓу кои и одлука со која закупците на тезги и на дуќани ќе бидат ослободени од плаќање кирија, почнувајќи од денеска до завршување на вонредната состојба во државата.
Во Прилеп има вкупно 12 заболени, а вработени во текстилна фабрика се во самоизолација поради една текстилна работничка која е заразена од корона вирусот. ем/мч/