Скопје, 1 април 2020 (МИА) – Основното јавно обвинителство Прилеп поднесе предлози за издавање казни во висина од три илјади евра за едно лице за неспроведување на задолжителна самоизолација и казна од две илјади евра за друго лице што го прекршило полицискиопт час.
– Првиот обвинет на 17 март пристигнал од Република Србија, земја со среден ризик за ширење на заразната болест Ковид-19. При влез во државата потпишал Изјава дека ќе спроведе самоизолација во период од 14 дена во неговиот дом, согласно мерките и препораките за спречување на ширењето на заразната болест. Но, при извршена контрола од страна на полициски службеници, обвинетиот не бил затекнат во неговиот дом, информираат од ОЈО.
Обвинителството од Судот побара на обвинетиот да му биде изречена парична казна во висина од 100 дневни глоби, секоја од нив во висина од по 30 евра во денарска противвредност.
– Второто обвинето лице не се придржувало на здравствените прописи, односно Одлуката за забрана и посебен режим на движење на територијата на Република Северна Македонија. Обвинетата на 25.03.2020 година, се движела низ градот со што го прекршила полицискиот час и го сторила кривичното дело кое и се става на товар, стои во соопштението од ОЈО.
Заради стореното, за обвинетата е побарана парична казна во висина од 100 дневни глоби, секоја од нив во висина од по 20 евра во денарска противвредност.
Лицата се товарат за „Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“ од член 206 став 1 од Кривичниот законик. аа/сп/