Скопје, 1 април 2020 (МИА) – На Клиниката за инфективни болести се примени девет нови заболени од коронавирус, со што вкупниот број хоспитализирани е 59, 12 се со потешка клиничка слика од кои пет се поставени на механичка вентилација, истакна на прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче.
Посочи дека од Клиниката за инфективни болести се испишани пет пациенти на кои им се направени два контролни тестови кои се негативни, тие се во добра здравствена состојба и ќе се упатат на домашно лекување. Од 28 пациенти во Дебар кои се на домашно лекување, појасни, на 11 од денеска, па во следните денови се земаат контролни брисеви и тие се во добра здравствена состојба.
– За жал имаме смртен случај на 65-годишна пациентка заболена од коронавирусот со претходни заболувања – коморбидитети: хронично опструктивна белодробна болест, дијабетес, срцева слабост и обезност. Во изминатите 24 часа регистрирани се 25 нови случаи на коронавирус во земјата и тоа во Скопје – 7, Куманово – 7, Прилеп – 2, Тетово – 5, Струга – 2, Гевгелија – 1, Кочани – 1, со што вкупната бројка на дијагностицирани пациенти со КОВИД-19 изнесува 354 лице. Според местото на живеење, досега случаи на КОВИД-19 се регистрирани во Скопје, – 183, Куманово – 54, Дебар – 47, Штип – 15, Прилеп – 12, Тетово -13, Струга – 9, Велес – 6, Битола – 4, Охрид – 3, Кавадарци – 2, Гостивар – 1, Гевгелија – 2, Струмица- 1, Крива Паланка – 1, Кочани – 1, рече Филипче.
Вкупниот број тестирања досега извршени во земјава се 3.775.
Потенцира дека сите пациенти од Институтот за физикална медицина и рехабилитација во Козле се испишани, се упатени на домашно лекување, а таму каде е поставена индикација амбулантски ќе се вршат третмани во ГОБ „8 Септември“.
Во врска со Охридската болница, посочи дека таму е завршен увидот од Државниот санитарен и здравствен инспекторат, изречени се казни на поранешната директорка, на доктори специјалисти од Одделот за инфектологија, како и на самата институција, а во периодот кој следи ќе се направи стручен увид од Лекарската комора, по што за случајот ќе заседава и Етичката комисија при Лекарската комора.
– Има 80-годишна пациентка од Штип која била таму примена првпат на 26 март, првиот брис е негативен, тогаш е пратена на консултација и вратена назад од Скопје. Таа се лекувала на Одделението за инфективни болести, има влошување на состојбата и на 30-ти повторно е упатена на Инфективната клиника. Тестот е позитивизиран, а заради внимание четири медицински лица ќе бидат во самоизолација, тие се асимптоматски, направена е прераспределба на медицинските сестри, осум дополнителни ќе ротираат од други одделенија во болницата во Штип на Одделението за инфективни болести за да се надокнади персоналот кој ќе биде во самоизолација, рече Филипче.
Тој истакна дека заболена од коронавирус е една медицинска сестра од Куманово која патува и е на работно место на Клиниката за пулмологија.
– Минатата недела била во резервниот тим во добра општа состојба без никакви симптоми дошла на работа во понеделникот, вчера почувствувала зголемена телесна температура, земен е брис и е позитивна на коронавирусот. Таа за време на работниот процес овие два дена додека била на Клининиката била со целосна заштитна опрема, со маска и ракавици. Направени се интервјуа со нејзините колеги, медицинските сестри по што ќе се постапи согласно податоците, рече Филипче.
Додаде дека починатата жена од Лабуништа во болницата во Струга на која и е земен посмртен брис е позитивна на коронавирусот, а се уште се чека резултатот кој ќе биде готов во текот на денот на пациентот од Битола. рп/скс/