Делчево, 30 март 2020 (МИА) – Библиотеката „Илинден“ од Делчево се вклучи во хуманитарната акција „Хуманост на дело“ што ја спроведува Општина Делчево. Библиотеката
обезбеди 20 хуманитарни пакети за семејства во социјален ризик.
– Задоволство е да се биде дел од акцијата со која се собираат средства за да се помогне на оние на кои им е најпотребна помош во оваа вонредна состојба. Нашата библиотека „Илинден“ по тој повод подарува 20 пакети со средства за хигиена наменети за социјално-загрозените семејства. Во овие тешки моменти за целиот свет, кога се соочуваме со опасниот вирус, апелираме и до останатите институции, приватни фирми и поединци да покажат солидарност, да бидат хумани, со што ќе покажеме грижа за секој наш сограѓанин, изјави директорката на библиотеката Билјана Петровска.
Останатите хуманитарни пакети собрани во рамки на акцијата, како што информираа од Општината, во следниот период во соработка со Центарот за социјални работи ќе бидат доставени до лицата на кои им се најпотребни.
Во меѓувреме, општината продолжи со спроведување на мерките за спречување на појавата на КОВИД-19. Извршена е дезинфекција на продавниците и јавните објекти по селските средини, каде вообичаено има поголема фреквенција на луѓе. Дезинфекцијата ја извршија екипи од ТППЕ со дезинфекциско средство, а акцијата се одвиваше во селото Разловци,Тработивиште, Вирче, Град, Стамер, Габрово и Ѕвегор. вс/бак/