Куманово, 29 март 2020 (МИА) – Здравствените власти да извршат контрола на работата на матичните лекари и на здравствени установи во Куманово, бидејќи граѓаните се жалеле за нивна пасивност во овој период, побара денеска општинскиот кризен штаб Куманово.
Општинскиот кризен штаб Куманово им препорачува на сите матични лекари и здравствени установи на територија на Општина Куманово да ги почитуваат препораките од Министерство за здравство по однос на борбата за справување со вирусот COVID-19 и воедно, бара од Министерството за здравство да изврши контрола на работењето на матичните лекари, поради голем број на поплаки коишто доаѓаат до Општинскиот кризен штаб Куманово од пациентите за пасивност на одредени матични лекари и амбуланти, како и заради намалување на непотребни пријави до Центарот за јавно здравје.
Штабот бара од Институт за Јавно Здравје навремена информација за сите извршени тестови на територија на општината и отворање на нови пунктови за тестирање со цел да се тестираат поголем број на граѓани.
–Општински штаб за заштита и спасување и понатаму стои на став дека е потребен целосен карантин на територија на Општина Куманово– се наведува во соопштението на општинскиот кризен штаб.ам/ир