Утрински Весник
Македонија

Ветеринарна комора: Да се најде баланс меѓу заштитата на населението од КОВИД-19 и благосостојбата на животните

Ветеринарната комора апелира да се искористат бенефициите за бесплатно чипирање на домашните миленици

Скопје, 27 март 2020 (МИА) – Ветеринарната комора ги повикува здруженијата за заштита на животни заеднички, координирано и хармонизирано да изготват и да достават аргументирани и издржани барања во однос на изнесувањето на милениците за време на полицискиот час во викенд-деновите (сабота и недела), кога забраната за движење почнува од 16:00 часот.

Комората ќе ги разгледа и ќе даде свое мислење, а ќе поддржи предлог кој ќе биде со јасни и прецизни одредби за временските и просторните ограничувања, како и за другите евентуални постапки на сопственицитете кои нема да го загрозуваат јавното здравје.

– Во услови на вонредна состојба поради пандемијата со вирусот на Ковид-19 и преземените мерки за спречување на неговото ширење, меѓу кои и ограничување на движењето на граѓаните во време на траење на полицискиот час, засегнати се најдоа многубројни сопственици на кучиња, како и одгледувачи на добиток. Ветеринарната комора активно ќе се вклучи во изнаоѓањето најсоодветни решенија, водејќи се од своите професионални начела на заштита на здравјето на луѓето и животните. Во овој исклучително деликатен момент повикуваме на мудрост, одговорност и способност да се направи баланс меѓу потребата од преземање ригорозни мерки за заштита на населението од КОВИД-19 и нужноста за пружање елементарни услови за одржување на благосостојбата на животните, вели за МИА претседателот на Комората, Томислав Николовски.

Според него, сепак, во сето тоа најважна улога ќе одиграат сопствениците на животни и нивната одговорност и дисциплина.

Ветеринарната комора неодамна излезе со соопштение до јавноста во кое се изнесени сите релевантни стручни и научно потврдени информации во врска со Ковид-19 и неговата неможност да се шири преку домашните миленици.

– Уште еднаш во оваа прилика потенцираме дека не постојат никакви научно валидизирани докази за ширење на вирусот од миленик на човек. Следствено на ова, а по добиени информации за труење на кучиња во разни делови на државата, најостро ги осудуваме тие крајно нехумани и нерационални постапки. Повикуваме на разум, одговорност и на преземање на сите мерки на превенција кои ги препорачуваат здравствените власти во нашата држава за надминување на оваа крајно сложена состојба, истакнува Николовски. мч/сп/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Д-р Јовановски на подкаст ЗРАК: Има различни методи на реконструкција по мастектомија

Кузмановска: Хема – Онко нуди поддршка за лицата заболени од канцер

(Видео) Започнува нова епизода на подкастот Зрак со д-р Марина