Прилеп, 26 март 2020 (МИА) – Дезинфекција на јавните површини, установите и станбените згради, на четирите влеза во градот и на автомобилите, како и затворање на Градскиот пазар, еден од најголемите во регионот, се најновите мерки што се спроведуваат во Прилеп по препорака на Кризниот штаб.
Во Градскиот пазар се собира стоката на околу 200 пазарџии и се очекува од утре целосно да биде затворен.
Николче Трајкоски, претставник на пазарџиите, вели дека одржале состанок со ЈКП „Пазари“ и дека најважно е здравјето на сите, иако има штети што ги трпат пазарџиите.
– Се собира стоката од прилепскиот пазар. Бевме на состанок со директорот на ЈКП „Пазари“. Во текот на денот да се дособерат производите и од утре дефинитивно да се затвори пазарот. Тоа е тоа. Вонредни се состојбите и поради нашето здравје и здравјето на граѓаните мора да седиме дома. Но, факт е дека ќе има штета. Кај пет-шест поголеми тезги, секоја ќе има штети од 500 до 1000 евра, што значи неколку илјади евра, изјави Трајкоски.
Градот денеска активно вршеше дезинфекција на јавните површини. Прилепскиот градоначалник Илија Јованоски апелира до граѓаните да не се создава паника и да се придржуваат до сите мерки.
– Дезинфицирани се основните и средните училишта, детските градинки. Во Домот за стари лица од денес се дезинфицираат сите површини, влезовите во станбените и другите згради. Не функционира градскиот превоз, а се затвора и Градскиот пазар. Апелирам граѓаните да не се вознемируваат и да ги почитуваат мерките, вели Јованоски. ем/бак/