Куманово, 26 март 2020 (МИА) – Основниот суд во Куманово донесе четири пресуди против четворица кумановци кои не постапувале согласно здравствени прописи за време на епидемија. Двајца од нив се казнети со по 123 илјади денари, а другите двајца со казни по 184.500 илјади денари.
– Врз основа на поднесени предлози за издавање на казнен налог, од страна на Основното јавно обвинителство Куманово, за сторени кривични дела Непостапување според здравствени прописи за време на епидемија од член 206 став 1 од КЗ, Основиот суд Куманово вчера, донесе четири пресуди, со кои четири лица се прогласени за виновни за наведеното кривично дело, две лица се осудени на парична казна од по 100 дневни глоби, во вкупна денарска противвредност од по 123.000,00 денари, а две лица се осудени на парична казна од по 100 дневни глоби, во вкупна денарска противврденост од по 184.500,00 денари, соопшти Основниот суд Куманово.
Еден од кумановците кој дошол од високоризична земја при влез во државава потпишал писмена изјава за задолжителна изолација, но сепак на 20 март не бил во својот дом кога дошле во контрола службени лица од СВР Куманово. Вториот во исти околности, постапил спротивно на Одлуката на Владата и на 18 март при контрола на службени лица бил затекнат како послужува гостин во својот угостителски објект. Останатите двајца не ја почитувале забраната за движење во периодот од 21 часот до 06 часот. ам/бак/