Утрински Весник
Македонија

Анализа: Жените поизложени на ризик од Ковид-19, Владата да излезе со посебни мерки за самохраните родители и самовработените

Анализа: Жените поизложени на ризик од Ковид-19, Владата да излезе со посебни мерки за самохраните родители и самовработените

Скопје, 24 март 2020 (МИА) – Владата треба да воведе повеќе критериуми при развојот на мерките и да има посебни финансиски и нефинансиски мерки за поддршка на самохраните родители и самовработените како резултат на кризата. Соработката со невладиниот сектор за помош на лицата со посебни потреби, старите, жртвите на насилство и самохраните родители треба да биде итно приоретизирана за ефективен одговор на кризата.

Ова се дел од заклучоците на брзата анализа на предложените мерки за справување со пандемијата на Ковид-19, изработена од Центарот за истражување и креирање политики.

Досегашните мерки преземени и/или предложени до Владата имаат ефект на платениот и неплатениот труд на жените, детска сиромаштија, статусот на домување на самохраните родители и нивниот економски опстанок, се вели во анализата.

Центарот нагласува дека Ковид-19 предизвика глобална криза на јавно-здравствените системи и има потенцијал да влијае на најголемата досега глобална економска криза.

Владите глобално превземаат мерки кои ќе го намалат ширењето на вирусот за да не се оптоварат и соодветно одговорат јавно здравствените системи, кризата ги засегна сите граѓани, но неминовно последиците различно ќе се одразат на различни луѓе и професии. Жените се мнозинство од тие што пружаат грижа, вклучувајќи платена грижа како здравствените работници, но и неплатена како грижата за семејството и домаќинството. Ова значи дека ризикот за изложување на Ковид-19 е поголем за нив.

– Жените превземаат товар со мерките за затворање на училиштата и градинките, но и за грижа за постарите родители (особено тешко во услови на изолација и ограничено движење). Нашите забелешки се од родова перспектива и имаат за цел да го намалат родовиот јаз кој мерките кои се носат од Владата може да го предизвикаво борба со кризата. Економски мерки, професии што носат поголем товар – здравствениот и трговскиот сектор (супермаркети, продавници) каде што претежно работат поголем број на жени носат особено поголем товар од останатите. Товарот е уште поголем за оние семејства со деца, бидејќи долгите часови на работа, понекогаш и со денови кај медицинските лица кои дежураат, го исцрпува семејството психолошки и физички и грижата за децата станува потешка, се наведува во анализата.

Центарот за истражување и креирање политики нагласува дека со оглед на улогата и ризикот кој го преземаат овие семејства за доброто на сите, препорака е Владата да донесе мерки со што ќе им ја олесни дополнително барем грижата за децата на овие семејства, преку проширување на детскиот додаток и за нив или друг вид на паричен надоместок.

Во однос на детската сиромаштија, Центарот наведува дека дел од предлог мерките кои се уште не се донесени, како на пример минимална плата за сите во јавниот сектор може да придонесе за зголемување на детската сиромаштија.

– Задоволувањето на потребите на многудетните семејства или семејствата со самохран родител кој работи во јавна администрација со повеќе деца особено можат да бидат загрозени и со тоа да порасне ризикот од детска сиромаштија, се вели во анализата и се нагласува дека нивелацијата на платите на минимална плата не може да биде без никакви критериуми и мора да ги земе овие аспекти во предвид.

Како особено загрозени се наведуваат самовработените лица, од кои една петина се жени.

– Нивните најчесто мали бизниси не може да ги издржат економските последици и потребни се посебни мерки со цел заштита на овие ранливи бизниси, велат од Ценарот.

Друг важен аспект од кризата е домашно насилство, бидејќи политиките за социјално изолирање ги прават жените жртви на семејно насилство особено ранливи.

– Во оваа криза не треба да се заборави дека изолацијата дома со насилник може да биде погубно за многу. Оттука, за поздравување се броевите кои Министерството за труд и социјална политика ги објави за пружање на поддршка на жртвите, како и сигурната куќа, која Националната мрежа за борба против насилството ја отворија во соработка со Град Скопје. И останатите општини треба да го следат овој пример и веднаш средствата за невладини организации да ги искористат за во партнерство со нив се овозможи услуги и сместување на жртвите на насилство со цел нивно отстранување од домовите, се вели во анализата.

Како особено ранливи во целокупната ситуација, според анализата се самохраните родители, од кои големо мнозинство се жени.

– Освен носењето со психолошкиот товар од целата ситуација, овие родители сега имаат и грижа да бидат добри педагози додека се затворени училиштата и истовремено да озбезбедат намирници во вонредните услови при зголемени редици и чекање. Иако со мерката за работа од дома тие се опфатени и економски згрижени, сепак овие семејства може дополнително да се поддржат и со поголем детски додаток, но и со давање на приоритет во супермаркетите и останатите деловни субјекти како што е случајот за постарите лица и бремените жени, бидејќи секоја минута која децата им се оставени сами дома им трае вечност, се нагласува во анализата.

Посебно внимание во овие услови треба да им се посвети на бремените жени.

– Иако за среќа се чини дека коронавирусот не предизвикува последици по здравјето на бремените жени и плодот, сепак тие страдаат, особено психолошки во овие услови поради целата неизвесност и несигурност. Одлуката за воведување линии за психолошка помош треба да се прошири и со посебна линија за бремените жени, каде што ќе им се даваат совети како да се грижат за физичкото и ментално здравје, и ќе може да се информираат подетално за породувањете во условите на криза. Дел од установите и приватните лабаратории им го ускратуваат правото на одредени прегледи кои бараат подолг престој во просториите на лабароториите, како на пример проверка на скриен шеќер, нагласуваат од Центарот.

Владата, се додава во анализата, мора да обезбеди бремените жени и родилките да имаат адекватни услови за следење на бременоста и породување. Дополнително, мерката за воведување на приоритетен влез во маркетите треба да се прошири и во здравствените установи, односно лабараториите каде што овие жени често треба да даваат материјали.

Во однос на затворањето на училиштата и градинки, во анализата се нагласува дека со владините мерки вработените со деца до 10 години еден родител е ослободен од работа, меѓутоа родителите на децата кои нема да поднесат доказ за посетување градинка или училиште не се ослободени од работните обврски. Со ова родителите за чии деца претходно се грижеле постарите родители (баба и дедо) не се опфатени, а токму оваа популација е најзагрозена и не треба да биде во контакт со децата.

– Овие деца и семејства се принудени и понатаму да ги чуваат бабата и дедото, со што нивното здравје се загрозува. Затоа, препорака е мерката да ги опфати и овие родители без барање на доказ од градинка. Дополнително, со оваа мерка вработените лица во Министерството за внатрешни работи, Министерството за здравство, Министерството за одбрана, Армијата на Република Северна Македонија, противпожарните територијални единици, Царинската управа се изземени од ослободување. Со оглед дека овие профeсии во државата (освен во здравствените установи) непропоционално ги опслужуваат мажите, мерката резултира по автоматизам повеќе жени да останат дома да се грижат за децата, дури и на ниво на семејство да постои поинаква согласност и желба кој родител да продолжи со работа. Доколку кризата трае подолг временски период, ова може да доведе до нерамномерно уназадување на жените во својот проефсионален развој, што на долг рок може да донесе до губење работни места, зголемување на јазот во плати и намалување на број на жени на менаџерски позиции, нагласуваат од Центарот.

Дополнително со затварањето на училиштата и градинките се започна со образување на далечина кое се спроведува со претходна подготовка на образовните содржини од образовниот и воспитувачкиот кадар, но неговото спроведување во домашни услови останува да биде на товар на родителите, односно жените, ако земеме в предвид претходно наведеното.

Во однос на домувањето Центарот препорачува предлогот за ослободување од кирија за закуп на социјални станови што е можно побрзо да биде прифатена.

– Меѓутоа, барањата за замрзнување на отплатите на рати за кредитите се уште не се прифатени со што се доведува во ризик домувањето на голем број на семејства, кои целосно ги губат своите приходи или би им се намалиле со прифаќањето на мерката за минимална плата на целиот јавен сектор. Во ваква ситуација најзагрозени се самохраните родители. Уште повеќе, загрозени се и тие кои закупуваат станбен простор од приватни сопственици, кои мора да продолжат да ги плаќаат кириите. Затоа, препорачуваме веднаш да се замрзнат отплатите на ратите за кредитите на населението, но и Владата да воведе мерка за субвенционирање на дел од кириите за закуп барем за ранливите категории на граѓани како што се самохраните родителиили обезбедување на поволно домување се до крајот на кризата за да се избегне ситуација на бездомни самохрани мајки., се наведува во анализата на Центарот за истражување и креирање политики. ац/сп/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Студено утро со температури и до минус 11 степени

Скопје никако да се спаси од загадувањето, повторно во топ 10 најзагадени градови во светот!

Д-р Јовановски на подкаст ЗРАК: Има различни методи на реконструкција по мастектомија