Тетово, 24 март 2020 (МИА) – Народната кујна при меѓуопштинскиот центар за социјална работа во Тетово еднаш неделно ќе им доделува намирници на корисниците за да подготвуваат оброци дома во насока на превентивно дејствување и спречување на ширење на коронавирусот, изјави Рамие Даути, од општинската јавна установа „Младост“ во чии објекти функционира народната кујна. Корисници на народната кујна се околу 100 лица од 30-тина семејства.
– Постапувајќи според насоките на Министерството наместо приготвена храна во пакети сега се даваат намирници за да можат корисниците од социјално загрозените семејства дома да приготват и зготват оброци. Им се даваат повеќе продукти како грав, замрзнат зеленчук, масло за јадење, сол, конзервирана храна, млеко и слично. Освен за вработените и за самите корисници оваа мерка е пригодна со тоа што не ќе мора да излегуваат секој ден од дома, изјави Даути,
Дополнително таа објасни дека корисниците ќе може да ги подигаат пакетите со храна секој понеделник од 9 до 12 часот. ас/оџ/