Утрински Весник
Економија

Компаниите имаат можност за производство во ноќна смена

Компаниите имаат можност за производство во ноќна смена

Скопје, 23 март 2020 (МИА) – Компаниите кои работат во смени и се регистрирани за ноќна работа можат на интернет страницата на Стопанската комора на Македонија (www.mchamber.mk) да го најдат образецот за издавање на дозвола за движење на своите вработени за време на полицискиот час.

–  За да биде валиден овој образец, компаниите регистрирани за работа во смени и ноќна работа кои работат во трета и четврта смена во времетраење на полицискиот час, треба овој образец да го пополнат со потребните информации за работникот, да го вчитаат на нивен меморандум и да стават потпис и печат од одговорното лице во правното лице. Ваквата дозвола за движење ќе важи исклучиво за лицето на чиешто име е издадена исклучиво од компаниите кои се регистрирани за работа во смени. Дозволата ќе биде потврда за движењето на работникот во услови на воведен полициски час и истата ќе треба да се приложи на увид до органите на државата, информира главниот советник на Комората, Зоран Јовановски во денешното електронско обраќање до медиумите поради вонредните околности во државата воведени за заштита од коронавирусот.

Од Стопанската комора ја поздравуваат иницијативата на претседателот на Владата и одржувањето на првата седница на новоформираниот економски совет, замислен како тело што ќе се состанува по потреба.

– Разновидноста на составот на присутните на седницата, присуството на претставници на власта и на опозицијата, присуството на носителите на економските политики, присуството на претставници на академската заедница, на стопанските комори, на бизнис заедницата, како и на експертската заедница, секако создава добра основа да се слушнат широк дијапазон на ставови и предлози коишто можат да помогнат за полесно справување со економските последици од ситуацијата предизвикана од корона вирусот Ковид 19. Се надеваме дека седници во ваков состав, за важни економски прашања, нема да се одржуваат само во услови на криза туку ќе станат редовна практика во нашата земја и во иднина, кога македонската економија ќе се врати во нормала, вели Јовановски.

Комората, додава тој, нема да ги коментира предлозите на политичките партии за надминување на кризната состојба бидејќи принципиелно го искажува својот став за економските мерки предложени или преземени од страна на Владата.

–  Сепак, охрабрува тоа што очигледно во земјава се постигнува широк консензус во перцепциите дека постојнава ситуација бара длабоки и сеопфатни мерки. Во оваа прилика сакаме да и’ порачаме на Владата дека какви економски мерки и да донесе, најдобро би било тие да немаат одложено дејство од април, туку мерките да бидат со важност веднаш, истакнува Јовановски. бак/са/   

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Тему достапна и во Македонија, ниски цени и бесплатна достава, квалитетот дискутабилен

Стојаноски: СДС единствено што остави на државата е долг на идни поколенија

Ангеловска-Бежоска во колумна за „Топ 100 извозници”: Извозот на услуги станува сѐ позначаен двигател на економскиот раст