Скопје, 23 март 2020 (МИА) – Полека го нормализираме работењето на транспортните компании кои вршат транспорт на стока во вакви услови. Непрекинато се одвива процесот на издавање лиценци, одобренија, дозволи. Во градежниот сектор реално засега нема поголем застој, но реално е да се очекува, оцени денеска министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.
Тој потенцираше дека успеале да ги вратат заглавените возачи од кризните подачја, секојдневно добиваат и нови информации за наши граѓани блокирани на некоја од границите, но постојано се во комуникација со нашите амбасади во тие држави и се обидуваат во најбрзо време да ги донесат дома.
Сугарески најави дека од утре секој транспортер што ќе врши транспорт надвор од границите на државата ќе мора да извади дозвола од Државниот санитарени здравствен инспекторат. За да нема застој транспортерите треба да ги вадат дозволите преку дозволите преку асоцијациите на транспортерите.
Во однос на дозволите за влез и излез во државата, појасни ресорниот министер, се дефинирани правила и е направено усогласување со Министерството за внатрешни работи, Државниот здравствен и санитарен инспекторат и Царинската управа.
– Секоја компанија е потребно да поседува Довола за влез на територијата на РСМ која што се однесува на професионални возачи на товарни возила кои влегуваат на територијата на РСМ и кои се придржувале кон посебен здравствен и протоколарен режим за влез во државата кој е донесен од Државниот санитарен и здравствен инспекторат. Бидејќи во овие неколку денови имаше многу барања за дозволи, надлежните институции во неможност сите да ги изготват навремено, се усогласивме излез од државата да се прави само врз основа на базата на податоци што ја поседува министертвото за транспорт и врски и валиден сертификат. Но, ваквата процедура ќе важи до утре и секој транспортер што ќе врши транспорт надвор од границите на државата ќе мора да ја извади оваа дозвола од Државниот санитарен и здравствен испекторат, рече Сугарески на прес-конференција.
Барањето за дозвола за професионалните возачи на товарни возила за влез на територијата на државата треба да содржи основни податоци за компанијата барател (назив, адреса, телефон за контакт), точниот број на дозволи кои ги побарува, лични податоци на возачите за секоја дозвола посебно, а за секоја барана дозвола треба да се наведат државите низ кои ќе се врши превозот на стока и за колку дена се планира да биде извршен превозот на стока.
Утврдени се и строги процедури за постапување во синџирот на утовар – растовар и превоз на стока во меѓународниот и внатрешниот превоз се со цел заштита од ширење на заразата со коронавирусот. Тие процедури се однесуваат на работењето на магацинските делови за прием и испорака на стока, на царинските и граничните премини, на шпедитерските услуги и директно на возачите што го вршат превозот на стока во внатрешниот и меѓународен сообраќај.
Сугарески потенцира дека и покрај новонастанатата состојба, непрекинато се одвива процесот на издавање лиценци, одобренија, дозволи… – Меѓународниот товарен сообраќај се одвива без забрани, но со можни одредени забавувања при вршењето на превозот на граничните премини но тоа е поради нововоспоставените процедури и контроли поради корона вирусот, рече Сугарески.
Откако беа затворени за сообраќај двата аеродрома во држава, ставен е во мирување Договорит за субвенции од државата на нискобуџетниот авиопревозник Виз Ер.
Во мирување е и меѓународниот линиски и повремен превоз на патници, а со одлука на Владата меѓуградскиот и јавниот превоз се организира со ограничување на капацитетот за превоз на патници за 50 проценти во возилото, или со задолжително одржување растојание од најмалку два метри меѓу патниците. Мерката за намалување на 50 проценти од капацитетот на превозот важи и за железничкиот сообраќај, кој бележи намалување на патниците, од 1.800 лани во март на 400 месецов. Целиот капацитет на Железница Транспорт е ставен на располагање на стопанството за превоз на репроматеријалите за индустријата, така што, укажа министерот, ова е една олеснителна околност за сите фирми кои имаат потреба од овој вид транспорт.
Се уште се прават анализи какви негативни влијанија ќе има коронавирусот и врз градежниот сектор.
– Реално е да се очекува и очекуваме, но во овој момент сакам да информирам дека нема поголем застој во реализација на проектите. Веќе излеговме со прв сет економски мерки со кои го олеснуваме работењето во секторите кои веќе ги чуствуваат последиците од коронавирусот. Деноноќно ја следиме ситуацијата, во континуирани разговори сме со бизнис зедницата како да ги намалиме последиците врз индустријата и севкупно врз стопанството, рече Сугарески. лв/сп/