Скопје, 23 март 2020 (МИА) – Датумот за Парламентарните избори 2020 ќе биде одреден по завршување на вонредбата состојба и уредбата со законски сила што тогаш треба да ја донесе техничката Влада, предводена од Оливер Спасовски.
Државната изборна комисија (ДИК) вчера донесе заклучок за запирање на дејствијата за предвремените парламентарни избори што требаше да се одржат на 12 април постапувајќи по Уредбата со законска сила што ден претходно ја донесе Владата на Република Северна Македонија. Оваа одлука Владата ја донесе заради вонредната состојба прогласена за ефикасно спречување на внесување и ширење на коронавирус Ковид-19, и заради тоа што Собранието на Република Северна Македонија не се состанува за да ја поништи одлуката за распуштање.
– Се запираат сите понатамошни дејствија и активности на Општинските изборни комисии. Сите изборни дејствија кои се преземени до 22 март 2020 се сметаат за важечки. Сите преостанати дејствија што произлегуваат од Изборниот законик ќе бидат предвидени во ревидираниот роковник што ДИК ќе го донесе веднаш по укинувањето на вонредната состојба со донесувањето на нова уредба на Владата за продолжување на изборниот процес, рече претседателот на ДИК Оливер Деркоски предлагајќи го заклучокот.
ДИК е задолжена да ја чува и обезбедува изборната документација до спроведување на изборните дејствија и изборите и веднаш по изменетата ситуација, односно по носењето на новата уредба на Владата за продолжување на изборните дејствија ќе мора да донесе ревидиран роковник за изборите. ДИК во рок од еден ден од денот на престанок на вонредната состојба, според Уредбата на Владата, на својата веб страница треба да објави ревидиран роковник за продолжување на изборните дејствија.
– Ова, пред се, се однесува на Избирачкиот список, дејствијата што се поврзани со него, увидот, заклучувањето на Избирачкиот список и друго, информираше Деркоски.
За изборите свои кандидатски листи поднесоа 15 коалиции и партии
ДИК пред донесувањето на Уредбата на Владата за запирање на изборните дејствија и одлуката на политичките лидери за одложување на предвремените парламентарни избори закажани за 12 април, ги потврди листите на 15 коалиции и партии со 1.598 кандидати, а го утврди и изгледот на гласачкото ливче.
Со свои кандидатски листи во сите шест изборни единици ќе учествуваат ДУИ, коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ и Беса, коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ „Обнова на Македонија“, политичката партија ИНТЕГРА, „Никогаш северна, секогаш Македонија“, Демократи, Алијанса за Албанците и Алтернатива, Левица и Работничката партија и ДПА.
СДУ, ГДУ и Глас за Македонија нема да учествуваат во „шестката“, односно поднесоа листи само за изборните единици 1, 2, 3, 4 и 5. „Твоја партија“ доставила кандидатски листи за изборите единици 1, 2 и 5.
Ако не се повтори пријавувањето на дијаспората, гласање за парламентарни избори, нема да има надвор од земјата.
Членовите на ДИК констатираа дека нема доволен број пријавени за гласањето во дијаспората, бидејќи од оние што беа пријавени, имапе голем број невалидни пријави подари тоа што некои македонски државјани во странство се пијавивале од исти адреси, а треба од лична адреса. За гласање се пријавија 7.535 македонски државјани, а прифатени беа само 6.096 пријави. Така не беше достасан бројот од 6.540, онолку колку што освои пратеникот со најмалку гласови на минатите избори, а колку што законски треба за организирање избори во дијаспората.