Утрински Весник
Македонија

По стапувањето во сила на полицискиот час, Спасовски во посета на неколку пункта

По стапувањето во сила на полицискиот час, Спасовски во посета на неколку пункта

Скопје, 23 март 2020 (МИА) – Од синоќа од 21 часот до утрово до 6 часот наутро во земјата започна да се применува полициски час поради ширење на Корона вирусот. Претседателот на Владата Оливер Спасовски, во придружба на дополнителната заменичка министерка за внатрешни работи, Славјанка Петровска и директорот на Бирото за јавна безбедност, Сашо Тасевски, изврши увид на стартот на полицискиот час.

Како што соопшти владината прес-служба, Спасовски на увидот на стартувањето на полицискиот час порача дека треба да бидеме сплотени, единствени, да ги почитуваме одлуките на институциите, да се држиме заедно и да останеме здрави и да победиме во оваа битка.

Спасовски, Петровска и Тасевски денеска посетија неколку полициски пункта непосредно по стартувањето на одлуката на Владата за ограничување на движењето на граѓаните на целата територија од 21 до 6 часот наутро.

-Ова е моментот кога за прв пат во историјата воведуваме ограничено движење на граѓаните заради спречување на ширењето на коронавирусот. Знаете сите дека сега ништо не е исто, во вакви околности и однесувањето е вонредно и одговорно. Граѓаните да ја почитуваат мерката и укажувањата на овластените полициските службеници. Многу е важно е да се почитуваат и укажувањата и рестрикциите и за дневни движења, рече Спасовски.

Одговорноста, рече тој, е на сите нас. – Не е само на здравството, на полицијата, на армијата, туку оваа мерка треба да ја почитуваат сите граѓани на нашата земја. Колку поодговорно се однесуваме, толку поодговорно ќе се справиме со целата оваа ситуација, рече тој.

Премиерот уште еднаш апелираше до секој граѓанин на одговорност, граѓаните да останат дома, да не се излегува без нужна потреба од домовите бидејќи само така ќе застанеме на патот на ширењето на вирусот.

-Сакам да се заблагодарам на здравствените работници, на сите полицајци, на Армијата, на пожарникарите, на комуналните претпријатија, на новинарите. Сите сме заедно на фронтот на битката за здравјето, за животот на граѓаните. Сакам да бидеме сплотени, единствени, да ги почитуваме одлуките на институциите, да се држиме заедно и да останеме здрави и да победиме во оваа битка, рече Спасовски. ев/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

„Велибор Манев рече дека тука има закопано човек, на едно место покриено со гранки“, сведочат полицајци

Каранфилова-Пановска: Ќе бидам верен соработник во креирањето и спроведувањето на новите политики за промени на СДСМ

Обвинителство: Има материјални докази дека Палчо е сторител на двојното убиство