Скопје, 22 март 2020 (МИА) – Министерот за здравство Венко Филипче вечерва соопшти дека искрено верува оти ќе има позитивно сценарио во однос на коронавирусот во нашата држава.
– Искрено верувам. Тоа е впрочем и целта на сите овие мерки – намалување на социјалните контакти и комуникацијата со луѓето, ограничувањето во движењето, тоа се со цел да се намали комуникацијата е нешто за што веќе во светот има позитивни примери, односно дека само тие мерки доведуваат до тоа да бројот на зболени се намали. Во одредени региони на Италија, во регионот на Вухан. Токму после воведување на вакви радикални мерки веќе има денови кога нема нови пациенти. Така што искрено се надевам дека сето ова ќе даде резултат, рече Филипче.
Филипче повтори дека количината на тестови за коронавирусот е сосема доволна.
– Сметам дека мерките коишто се сега на сила, дополнителните мерки коишто планираме да ги воведеме во смисла на заострување, контрола, заштита пред се на најризичните групи ќе дадат резултат заедно со типот на тестирање којшто ќе биде како модел во сила од утрешниот ден преку матичните лекари. Во таа смисла овие мерки на ограничување на движење, тестирањето согласно индикацијата, зголемениот пристап со пунктовите, со кол-центрарот и матичните лекари мислам дека значајно ќе ја намали кривата на зголемување на бројот на пациенти, рече Филипче.
Тој информира дека имаат некои претпоставки во однос на пикот, во однос на тоа, како што рече, каде сме сега со кривата.
– Меѓутоа имаме и нови мерки исто како што имавме и досега. Искрено верувам дека ќе успееме да го намалиме бројот на пациенти. Сметам дека пикот на болеста во наши услови со сегашните мерки, со сегашните епидемиолошки податоци може да биде за еден месец од денеска, рече Филипче.
Прашан за образовниот процес на средношколците и матурантите, Филипче рече дека се работи интензивно во МОН.
– За неколку опции станува збор. Верувам дека точната информација ќе можат да ја дадат, рече Филипче. мд/сст/