Утрински Весник
Македонија

СЕММ и ЗНМ: Процесот на зачленување во Регистарот на професионални онлајн медиуми и понатаму е отворен

СЕММ и ЗНМ: Процесот на зачленување во Регистарот на професионални онлајн медиуми и понатаму е отворен

Скопје, 22 март 2020 (МИА) – Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) и Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) ги потсетуваат медиумите дека продолжува да биде отворена постапката за зачленување во Регистарот на професионални онлајн медиуми на овие две организации (Promedia.mk). Најважната цел на овој процес е да ѝ помогне на јавноста полесно да препознае кои медиуми ги исполнуваат критериумите за членство (https://semm.mk/chlenstvo/pravila-za-chlenstvo ) и се придржуваат до стандардите на етичкото известување при своето работење.

Во денешното соопштение од СЕММ и ЗНМ се појаснува дека имајќи ја предвид кризната ситуација што ја предизвика пандемијата на коронавирусот (КОВИД-19), како во државата, така и на глобално ниво, двете организации ќе продолжат да ги повикуваат медиумите да се однесуваат професионално и етички и да не придонесуваат во ширењето невистини и предизвикувањето паника во јавноста.

– Ширењето на КОВИД – 19 е причина за голема загриженост кај јавноста, но известувањето во некои медиуми придонесува кон зголемување на вознемиреноста на начин што не е етички оправдан, а ширењето дезинформации може да доведе до сериозни последици. Оттука, апелот за зачленување во Регистарот е дел од заложбите да се поттикне значајната улога на медиумите во правилно разбирање на појавата на коронавирусот, последиците од неа и начините на ефективна превенција, стои во соопштението.

Заеднички интерес е, се подвлекува, да се зголеми членството на медиумите во овој Регистар, а со тоа и определеноста на медиумите да работат професионално, одговорно и етички преку почитување на процесот на саморегулација и критериумите што се засноваат на  практиката во развиените демократски општества и Советот на Европа, а консултирани со новинарската и медиумската заедница.

Досега овој процес е поддржан од голем број медиуми, Стопанската комора на Македонија и меѓународната заедница, а во моментот Регистарот има 102 членки.

СЕММ, се посочува, веќе добива претставки за неетичко известување во врска со коронавирусот, а во таа насока апелираме до јавноста да продолжи да реагира на случаите на непрофесионалност и да придонесе во спречувањето на дезинформациите во медиумите. цр/мч

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

ДА МУ СЕ ДАДЕ МОЖНОСТ НА ПОВИКОТ ЗА ОБЕДИНУВАЧКА ПЛАТФОРМА

Меџити се сретна со американскиот помошник секретар за енергетски ресурси, Џефри Рос Пајат

Филипче на промоција на новите електрични автобуси за градски превоз во Струмица