Скопје, 20 март 2020 (МИА) – Владата на денешната седница ја задолжи Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство, да подготви детален писмен предлог со мерки и пpeпopaки за воведување најстроги рестриктивни мерки во врска со спречувањето, внесување и ширење на коронавирусот (забрана и посебен режим на движење на територијата на Република Северна Македонија за време на ден и во ноќ, организирање на јавниот превоз, сменско работење, опфатени категории на лица по возраста и да ги достави до Владата за седницата што ќе одржи утре.
На седницата на Владата што ќе се одржи утре треба да присуствуваат двајца епидемиолози кои ќе ги определи министерот за здравство Венко Филипче, со цел да ги образложат предложените мерки и препораки.
Истовремено, се задолжуваат Министерството за внатрешни работи, Министерството за одбрана и Армијата на Република Северна Македонија да направат детален оперативен план за спроведување најстроги рестриктивни мерки што ќе ги преземе Владата, со цел спречување, внесување и ширење на коронавирусот Ковид – 19.
Се задолжуваат Министерството за внатрешни работи, Министерството за одбрана и Армијата во рамки на нивните надлежности, веднаш да пристапат кон спроведувањето на досегашните донесени мерки и препораки од страна на Владата.
Согласно заклучоците на Владата, сите лица што не ја почитуваат мерката за самоизолација да бидат спроведени во државен карантин и против нив да биде поведена соодветна постапка. Трошоците за време на престојот во државен карантин ќe бидат на товар на лицата што не ја почитувале оваа мерка.
За ова, се задолжува Министерството за правда, во соработка со Министерство за здравство да подготви соодветна уредба со законска сила во која правно ќе ја нормира целокупната постапката за спроведување во државен карантин. сст/дма/