Битола, 20 март 2020 (МИА) – Градоначалничката на Битола, Наташа Петровска во соопштение до јавноста порача до битолчани непотребно да не излегуваат од дома. Во јавниот апел, Петровска ги повика јавните институции и верските заедници да дејствуваат во рамки на своите надлежности и да се борат против Ковид-19.
-Сите јавни институции и верските заедници, координирано и навремено да делуваат во рамки на својата надлежност. Верувајте, ништо не е толку делотворно колку редуцирањето на движењето. Најдлабоко замолувам, не излегувајте без потреба, останете дома, порачува Петровска.
Од Општина Битола информираа дека продолжува координацијата и постапувањето согласно заклучоците од Владата. На терен се врши дезинфекција во училиштата, се дистрибуира информативен леток, а ЈП „Комуналец“ продолжува со дезинфекција на улиците.
Во текот на денешниот ден, градоначалничката Петровска одржа состанок со првите луѓе на СВР Битола, претставници на јавните претпријатија, Советот за превенција и со претставници на верските заедници. мт/бак/