Скопје, 20 март 2020 (МИА) – ОВР Гостивар-Надворешна канцеларија за криминалистички работи Гостивар до Основното јавно обвинителство Гостивар поднесе кривична пријава против 51-годишниот В.А. од гостиварско Чегране, поради основи на сомнение дека сторил кривично дело „непостапување според здравствени прописи за време на епидемија“, по член 206 од Кривичниот законик. В.А. се сомничи дека на 19.03.2020 во попладневните часови излегол од домот и се движел низ селото, иако бил на задолжителна домашна изолација почнувајќи од 13.03.2020, по што повторно бил вратен во изолација.
Вчера околу 22:10 часот полициски службеници на СВР Тетово – Одделение за внатрешни работи Гостивар го лишиле од слобода 55-годишниот Ј.С., од гостиварско Старо Чајле, затоа што при контрола, спроведена во координација со Државниот пазарен инспекторат, во неговиот угостителски објект во ова село биле затекнати 6 лица гости. Против, Ј.С. е поднесена кривична пријава поради сомнение дека сторил кривично дело „непостапување според здравствени прописи за време на епидемија“, а објектот е затворен.
Поради постоење основи на сомнение за сторено казнено дело „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“, ОВР Дебар поднесе кривична пријава против Л.О.(42), сопственик на угостителски објект и Б.Л.(26) сопственик на интернет кафе, и двајцата од Дебар. На 18.03.2020, при извршена контрола на градското подрачје, полициските службеници констатирале дека пријавените не ги почитувале мерките и препораките на Владата за забрана за работа на угостителски и други објекти во кои се собираат поголема група на граѓани.
СВР Штип до Основно јавно обвинителство – Штип поднесе кривична пријава против E.T.(45) од Штип, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“, предвидено во член 206 став 1 од Кривичниот законик. Пријавениот, на 17.03.2020, во време на прогласена пандемија од СЗО од коронавирус Ковид-19, иако на 17.03.2020 во 00.50 часот, при остварен влез на ГП Меѓународен аеродром Скопје, на враќање од Барселона, Шпанија, прогласена за држава од висок ризик, добил наредба за самоизолација и под морална и кривична одговорност потпишал изјава дека ќе спроведе задолжителна самоизолација во времетраење од 14 дена, но истиот ден, околу 11.30 часот го напуштил неговиот дом.
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Делчево поднесе кривична пријава против Г.А.(45) од с.Град, делчевско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“ предвидено во член 206 став 1 од Кривичниот законик. На 17.03.2020 год во 04.20 часот на ГП Деве Баир, при извршени проверки при влез во нашата држава, било констатирано дека пријавениот допатувал од Р.Словенија и потпишал изјава дека ќе спроведе самоизолација. Пријавениот на 17.03.2020 во 11.00 часот, и покрај изјавата и добиената наредба за задолжителна самоизолација, не се придржувал кон здравствените прописи и го напуштил местото на самоизолација.
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Свети Николе до ОЈО Свети Николе поднесе кривична пријава против Т.Т.(49) од Свети Николе, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“, предвидено во член 206 став 1 од Кривичниот законик. Пријавениот, на 18 март 2020 не постапил според врачената писмена наредба од 16.03.2020 и потпишаната своерачна изјава за задолжителна самоизолација од 17 март 2020, при остварен влез во Република Северна Македонија на ГП Табановце по престој во Романија, и го напуштил својот дом.
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Кочани до ОЈО Кочани поднесе кривична пријава против Г.А.(40) од с.Зрновци, Кочани, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“, предвидено во член 206 став 1 од Кривичниот законик. Пријавениот, на 18.03.2020 го напуштил домот во Зрновци, каде што бил во самоизолација, иако на 16.03.2020, поради враќање од Швајцарија, преку Германија, Австрија, Унгарија, земји определени од СЗО како високо и средноризични, при влез во РСМ на ГП Табановце, своерачно пополнил и потпишал изјава за самоизолација во траење од 14 дена. Со наведените дејствија, пријавениот не постапил според посебните мерки за заштита на населението од заразни болести и определените мерки за сузбивање и спречување на заразната болест.
Вчера СВР Струмица до ОЈО Струмица поднел 12 кривични пријави против 14 лица, кои сториле кривични дела „пренесување заразна болест“, предвидено по член 205 и „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“, предвидено по член 206 од Кривичен законик на РСМ. Пријави се поднесени против лицата: В.М. (54), К.Т. (67), Т.Т.(66), Н.Т. (69), М.А.(29) Б.Ј. (63), А.М. (32), Љ.Д. (69), Д.П. (53), Б.М. (60), С.Г. (49), Г.Г. (20), А.Б. (27), сите од Струмица и H.В. (52) од Холандија.
Во периодот од 7 часот вчера до 7 на денеска, од сите Сектори за внатрешни работи вкупно се поднесени 33 кривични пријави и едно известување, на 36 сторители во врска со непочитување на мерките, односно здравствените прописи за епидемијата Ковид – 19. бк/