Берово, 19 март 2020 (МИА) – Четириесет и едно лице на територијата на Општина Берово, поради коронавирусот се наоѓаат во самоизолација. Ова го соопшти д-р специјалист епидемиолог Сузана Каракашева, која истакна дека самоизолацијата е задолжителна превентивна мерка од коронавирусот за овие лица.
– Засега, ниту едно од лицата нема симптоми на вирусот. Повикувам сериозно и одговорно, сите лица кои во изминатиот период патувале во некоја од земијте кои се високоризични или средноризични, да се самоизолираат, истакна Каракашовска.
Каракашевска апелира до граѓаните да се почитуваат мерките и препораките од Министерството за здравство и Светската здравствена организација, но и да се избегнуваат непотребни контакти.
Од општината исто така апелираат на совесно однесување на граѓаните согласно новонастанатата ситуација.
– Немојте да дозволите, заради несовесно однесување, надлежните полициски служби да ве опоменуваат, или да мора да се применат рестриктивни мерки и казни во согласност со надлежностите на институциите, додаваат од општината.
Непочитувањето на препораките за заштита од вирусот КОВИД -19, како што додаваат, е казниво согласно законот и затоа за да не дојде до вакви мерки препорачуваат граѓаните да седат дома. вс/фф/