Скопје, 19 март 2020 (МИА) – Самото прогласување на вонредната состојба не значи автоматска промена или ограничување на човековите права или начинот на живот на граѓаните. Но, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да бидат ограничени за време на вонредна состојба доколку има потреба, појасни министерката за правда Рената Дескоска на прес-конференцијата во Владата по првата помината ниќ во вонредна состојба.
-Сепак, ограничувањето на слободите и правата во ниту еден случај не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба, истакна Дескоска.
Различно, рече таа, е можноста која Владата ја доби со прогласувањето на вонредната состојба, а тоа е да носи уредби со законска сила.
-Ниту вчера, ниту денес, никој повеќе нема дилеми дека настапија околностите од членот 125 од Уставот за прогласување на вонредна состојба. Одлуката со која се утврди вонредната состојба има важност најмногу 30 дена, што значи дека доколку ситуацијата се смири, таа може да биде прекината, но исто така, ако продолжи пандемијата – вонредната состојба може да се продолжи, појасни министерката Дескоска.
Во услови на вонредна состојба, ограничувањето на слободите и правата не може да се однесува на правото на живот, забраната на мачење, на правната одреденост на казнивите дела и казните, како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата, јавното изразување на мислата и вероисповеста. Во услови на вонредна состојба не смее да има ниту нечовечко и понижувачко постапување и казнување.
Дескоска упати апел, сите, доброволно и совесно да ги почитуваме мерките и препораките на Министерството за здравство и Владата, за да нема потреба од воведување на построги ограничувања.
-Од сите нас зависи колку ќе се користат мерките кои и се на располагање на Владата, нагласи министерката Дескоска.
Та потенцираше дека прогласување на вонредна состојба не значи забрана за движење, ниту полициски час, ниту затворање на продавници или нешто слично и појасни зошто, тие како Влада, побарале вонредна состојба.
– Носењето на одлука за прогласување на вонредна состојба беше потребно пред се заради добивање можност за ефикасно и брзо регулирање на одредени прашања кои треба да помогнат полесно да се надминат, а тоа е поефикасно справување со епидемијата и да се заштити јавното здравје на граѓаните,и да се помогне на економскиот живот во државата, во стопанството и земјоделството, рече Дескоска.
Со воведување на вонредна состојба, Владата, согласно членот 126 од Уставот, добива право да носи уредби со законска сила. Тоа се акти со кои ќе регулира прашања кои во нормална ситуација се во надлежност на Собранието. бк/дма/