Скопје, 18 март 2020 (МИА) – Претседателот Стево Пендаровски вечерва прогласи вонредна состојба во државата. Ваквата одлука е донесена, како што рече во обраќањето до граѓаните, за поефикасно справување со коронавирусот.
Вонредната состојба ќе трае 30 дена. Во тој период Владата до Пендаровски ќе треба да поднесе извештај за ефектите од донесените мерки за заштита против корона вирусот, дневно да го информира за преземените активности и за ажурираните планови за постапување во иднина.
Владата ќе продолжи да функционира како техничка.
– Предмалку ја потпишав одлуката за прогласување вонредна состојба на територијата на целата држава. Фактот што првпат од нашата независност поднесуваме вонредна состојба укажува колку е сложена состојбата во земјата. Изборите ќе мора да бидат одложени, а ќе се закажат дури кога за тоа ќе се создаде прилика, истакна Пендаровски во вонредното обраќање.
На граѓаните уште еднаш им порача да останат дома и да не патуваат надвор.
Воведување вонредна состојба побара Владата, а со таков став претходно излегоа и лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски.
Предлогот на Владата за воведување вонредна состојба го соопшти и образложи премиерот Оливер Спасовски, по што беше доставен до претседателот на Собранието, Талат Џафери. Џафери, пак, го проследи до Пендаровски кој, како шеф на државата, има надлежности да прогласи вонредна состојба.
– Владата веќе нема ниту најмала дилема. Затоа на денешната седница предложивме воведување вонредна состојба, сега и веднаш. Мерките ги дадоа очекуваните резултати, но треба да се заострат со воведување вонредна состојба за да спречиме уште поголем пик. Убедени сме дека тоа може да се среди само со вонредна состојба, напомена Спасовски на прес-конференција во Владата.
Премиерот објасни дека Собранието прогласува вонредна состојба, но ако е распуштено, постои уставна одредба тоа да го стори претседателот на државата – тој може да прогласи вонредна состојба во траење од 30 дена. Спасовски потенцира и дека нашата држава прв пат во својата историја ќе донесе ваква мерка. Воведувањето вонредна состојба, дополни, е една од најтешките одлуки што ги донела која било влада.
Врз основа на членот 125 од Уставот став 4 ако Собранието не може да се состане, одлука за постоење на вонредна состојба донесува претседателот на Републиката и му ја поднесува на Собранието на потврдување штом тоа ќе е во можност да се состане.
Членот 126 пак од Уставот вели дека при постоење на воена или вонредна состојба Владата во согласност со Уставот и со закон донесува уредби со законска сила. Овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила трае по завршувањето на воената или вонредната состојба за што одлучува Собранието. мч/дма/