Велес, 18 март 2020 (МИА) – Општина Градско во врска со опасноста за ширење на Ковид – 19 упатува апел до сите жители во оваа општина кои пристигнуваат од странство строго да ги почитуваат мерките на самоизолација.
Оттаму информираат дека полициската канцеларија во Градско ќе ги контролира сите вратени сограѓани дали ги почитуваат мерките на самоизолација, во спротивно може кривично да одговараат, а ќе може да бидат и уапсени.
Со најновите мерки, посочуваат, сите наши државјани кои влегуваат во земјава од која било држава без разлика на степенот на ризик треба да се самоизолираат 14 дена и да потпишат изјави за самоизолација.
– Доколку не го направат тоа може да одговораат кривично а може да бидат уапсени. Според членовите 205 и 206 од Кривичниот законик казните може да бидат парични или три години затвор, соопштуваат од локалната самоуправа.
Од Општина Градско ги повикуваат граѓаните кои ќе забележат случаи на непочитување на мерките да ги пријават во полиција на 192 или на телефонскиот број 043251022 во Полициската канцеларија.ад/фф/