Прилеп, 18 март 2020 (МИА) – Екипи на прилепскиот Центар за јавно здравје денеска започнаа со дезинфекција на општинските и на државните институции во градот.
Дезинфицирани се основните и средните училишта, објектите на детската градинка „Наша иднина“ и Домот за стари лица „Киро Крстески-Платник“.
Директорот на основното училиште „Климент Охридски“, Зоран Сребреноски вели дека стручни екипи на Центарот за јавно здравје ги дезинфицирале сите училиници, кабинетите, канцелариите, тоалетите, спортската сала и другите помошни простории во двете училишни згради. Сребреноски нагласува дека училиштето презема напори за колку што дозволуваат условите да се реализира еден дел од наставниот процес преку вибер комуникација на учениците со своите наставници.
-Тешко е, но тоа е единствениот начин на кој во вакви услови може да се реализира наставата. Секој одделенски раководител по електронски пат ги добива содржините од предметните наставници и ги испраќа до учениците. Во сето ова се вклучени и родителите, а одделенскиот раководител има повратна информација дали учениците ги добиваат тие содржини и дали ги реализираат. Ако има потреба за дополнителни објаснувања, наставниците се тука за повторно да се вклучат, објаснува Сребреноски.
Ваквиот начин на изведување на наставата се спроведува во сите основни училишта во Прилеп. ем/бак/