Град Скопје им препорачува на корисниците на јавниот автобуски превоз да користат средства за лична заштита, маски и ракавици. Оваа препорака е во согласност со мерките за заштита на здравјето на граѓаните од ширењето на корона вирусот.
„Град Скопје ги потсетува граѓаните дека сите возила на ЈСП се подложуваат на дополнителен третман за дезинфекција, уште од пред две недели. Имено, секое возило, независно дали сообраќа цел ден на одредена линија или се вклучува еднократно, е подложно на дополнителна дезинфекција, како една од мерките за заштита од коронавирусот. Возилата се дезинфицирааат со распрскување на соодветни средства на база на алкохол и Дезинтал 10 процентен, а се врши и рачна дезинфекција на одделни делови од возилото, ракодржачи и слично. Секое возило се третира со дополнителната дезинфекција еднаш, пред вклучување на линијата или потоа, во зависност од динамиката и распоредот на сообраќање во јавниот превоз“, соопштија од Град Скопје.
Се додава дека се врши редовна внатрешна дезинфекција на автобусите секојдневно, со чистење и со миење на возилата, а возилата се третираат со соодветни еколошки средства кои имаат дезинфекциско својство.
„Се апелира до граѓаните одговорно да се однесуваат додека се во автобус, а своите отпадоци да ги зачуваат и да ги одложат во најблиската корпа, по излегувањето од автобусот. Овие препораки имаат цел да се подигне нивото на јавната хигиена и да се заштити здравјето на граѓаните“, стои во соопштението.