Дебар,18 март 2020 (МИА) – Градоначалникот на Дебар Хекуран Дука, кој раководи со Оперативниот штаб, на денешната редовна прес-конференција упати апел до граѓаните да не излегуваат без неопходна потреба туку да седат дома, бидејќи „тоа е еднствената мерка за спречување на проширувањето на коронавирусот“.
Информираше дека со вчера потврдените случаи, вкупниот број на заразени во општината изнесува 24 лица.
-Двајца пациенти кои беа на домашно лекување поради влошената здравствена состојба се транспортирани во Инфективната клиника во Скопје. Останатите се во стабилна здравствена состојба и редовно се посетуваат од медицинските екипи. Екипите вчера беа во Центар Жупа каде се тестирани повеќе лица. Најавено е дека во текот на денов ќе пристигнат двајца лекари специјалисти од Клиниката за пулмологија, изјави Дука.
Додаде дека надлежните институции доследно ги извршуваат обврските во однос на одржување на комуналната хигиена, јавниот ред и мир во градот, како во непреченото снабдување со храна и други производи и медикаменти.
Посебно признание искажа за вработените во Јавното комунално претпријатие „Стандард“, чии вработени максимално се ангажирани во дезинфекција на градот.
-Посебна благодарност искажувам за „Дибра“ на нашите дебрани во САД, со чија донација набавени се најлонски ќеси и специјално дезифекциско средство за миење на улиците. Благодарност и до многу сопственици на фирми и физички лица кои се понудија да помогнат во справувањето со оваа ситуација, рече Дука.
Како што претходно информраше Омер Цами член на Оператвниот штаб и раководител на секторот на комунална хигиена во ЈКП „Стандард“, најлонските ќеси веќе се распределуваат. Околу 3.000 домаќинства ќе добијат по десет ќеси, што е доволно за пет недели зашто во нив ќе ставаат само смет кој се создава од секојдневните домашни основни потреби. вт/дма/