Утрински Весник
Македонија

Адеми: Општините, училиштата и факултетите да организираат неформална е-настава

Адеми: Општините, училиштата и факултетите да организираат неформална е-настава

Скопје, 18 март 2020 (МИА) – Министерот за образование и наука Арбер Адеми ги повика општините да организираат привремена неформална онлајн-едукација додека се нормализира состојбата со заразата од коронавирусот, а како пример ја посочи општина Карпош.

Прекинот на воспитно-образовниот процес ќе трае подолго од 14 дена. Според законите, особено  Законот за основно образование, рече Адеми, МОН и Бирото за развој на образованието може да подготват скратени наставни програми, но во ваква ситуација која е непредвидливо колку ќе трае тоа не може да се направи. Не смета дека учебната година е уништена, посочувајќи дека пандемијата е глобална појава и дека здравјето е пред сè.

Според него, има капацитет за онлајн-настава преку различни училишни канали за комуникација и за тоа треба да придонесат институциите и општините заедно со училиштата, иако не во сите општини, особено во руралните, може да се организира  е-настава, а тука се и различниот пристап до интернет и дали сите ученици имаат ИТ-уреди и се способни да ракуваат со нив…

-Имаме капацитет како институции и со голема сериозност ја следиме состојбата. Има конкретен план за надградба на образованието на децата, но треба да проидонесат сите институции, вклучително и општините, како и основните и средните училишта. Со сите нив сме во постојана комуникација, рече Адеми на прес-конференција.

МОН препорача бесплатни дигитални платформи и апликации за учење дома. За да се опфатат сите деца, на МРТ има едукација „ТВ-училница“ за деца од предучилишна возраст и од основно образование. Ваквата програма, која се емитува и во соседните земји, ќе продолжи до стабилизирање на ситуацијата и до враќање на децата во училиштата.

-Ако има потреба, тоа ќе се интензивира и ќе се бориме за поголем медиумски простор да се опфатат сите деца… Сè поизвесно е дека оваа ситуација и околностите со кои се соочуваме ќе продолжат и дека и натаму ќе имаме прекин на наставата, а не само во овие 14 дена… Имаме многу предизвици, и од техничка и од друга природа, но ние сме тука да понудиме решенија како раководители на образовните институции. Во текот на денот заедно со поголема работна група ќе ги дефинираме следните чекори во насока на органиизрање онлајн-настава, рече Адеми.

Ја посочи општина Карпош како пример со воведениот модел на едукативна платформа со двонасочна комуникација меѓу наставниците и учениците во основните училиште и рече ги охрабрува и другите општини тоа да го направат за сите одделенија, од прво до деветто.

Општина Карпош, рече, е подготвена да им помогне на другите општини и училишта да го преземат нивниот модел на привремена едукација на младите.

Упати апел и до средните училишта и универзитетите да се обидат да применат онлајн-настава, како што веќе почнале дел од факултетите.

Градоначалникот на Карпош Стефан Богоев рече дека вчера почнале со онлајн-настава за ученици од деветто одделение, а ќе се спроведува и за пониските одделенија.

-Целта преку овој тип настава е да се надомести изгубениот матреријал и да се анимираат учениците. Алармирав да се зголеми и ангажманот на наставниот кадар преку електронски пат и со содржини да го привлечат вниманието на учениците, рече Богоев.

На новинарско прашање за здравствената состојба на ученици чии родители биле на симпозиумот на поранешната директорка на Клиниката за дерматологија кај која беше потврден коронавирус, Богоев одговори дека засега нема информација дека некое од децата или нивните родители – жители на Карпош покажале симптоми. Тие се во самоизолација, а во Општината има координативно тело што комуницира дневно со Центарот за јавно здравје и со Министерството за здравство. хс/скс/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Скопје никако да се спаси од загадувањето, повторно во топ 10 најзагадени градови во светот!

Д-р Јовановски на подкаст ЗРАК: Има различни методи на реконструкција по мастектомија

Кузмановска: Хема – Онко нуди поддршка за лицата заболени од канцер