Утрински Весник
Македонија

Дезинформациите за Ковид-19 се шират побрзо од самиот вирус

Дезинформациите за Ковид-19 се шират побрзо од самиот вирус

Во рамките на својата програма за борба против дезинформациите и лажните вести, што на Балканот многу бргу ги минуваат границите и бргу осамнуваат во медиумите на друга држава и понекогаш и на друг јазик, „Мета.мк“ редовно пренесува што е актуелно кај сродните сервиси за проверка на фактите и борбата против дезинформациите во регионот, односно од Хрватска на север, до Грција на југ.

Балканските сервиси за борба против дезинформациите и за проверка на фактите се интензивно зафатени со оповргнување на низа дезинформации поврзани со новиот корона вирус Ковид-19, кои лесно ги преминуваат границите, односно бргу се преведуваат од еден на друг балкански јазик и се пласираат на нова публика.

Грчкиот сервис за борба против лажните вести Ellinika Hoaxes работеше на утврдување на фактите и сузбивање на дезинформациите во врска со „советите од лекарот од Шенжен“, за што веќе се пишуваше и кај нас.

Српскиот сервис за проверка на фактите и борба против дезинформациите Raskrikavanje.rs, пак, раскринкува една дезинформација што интензивно се шири во Србија – дека за висока температура ако сте заболени од новиот корона вирус Ковид-19 не треба да земате бруфен. Според оваа шпекулација, бруфенот можел да ја влоши инфекцијата со корона вирусот и за симнување на температурата требало да се зема само парацетамол.

Од Raskrikavanje.rs, се обратиле до Светската здравствена организација, од каде им одговориле дека засега не може да кажат официјално мислење, но и дека според тоа што го прочитале во стручната литература, нема никакви клинички испитувања или податоци од практиката кои би биле доказ дека бруфенот не треба да се зема при инфекција со Ковид-19.

Лажни вести на речиси истата тема оповргнува босанскиот сервис за борба против дезинформациите Raskrinkavanje.ba, само што во овој случај станувало збор за парацетамолот како „виновник“.

Имено, текст на српскиот „Телеграф“ објавен на крајот на јануари, а во кој се цитирале изјави на некој доктор Бранимир Несторовиќ, претставен како пулмолог и алерголог, дека во Калифорнија парацетамолот е ставен на листа на канцерогени супстанци, а дека наместо него при температура треба да се зема бруфен. Оваа статија потоа интензивно се ширела по српските и босанските портали.

Но, тврдењето дека Калифорнија го забранила парацетамолот е неточно, утврдил новинарот на Raskrinkavanje.ba. Дополнително, тврдењето на „лекарот“ дека наместо антипиретици како парацетамол, возрасните може да пијат по едно силно кафе на секои четири часа, е исто така докажано како неточно, односно на бесмисленоста на таквото тврдење во разговор за Raskrinkavanje.ba укажала специјалист пневмофизиолог и лекар на семејна медицина, Добринка Гранзов – Козлина.

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

Скопје никако да се спаси од загадувањето, повторно во топ 10 најзагадени градови во светот!

Д-р Јовановски на подкаст ЗРАК: Има различни методи на реконструкција по мастектомија

Кузмановска: Хема – Онко нуди поддршка за лицата заболени од канцер