Скопје, 17 март 2020 (МИА) – Службите на Град Скопје, за да се заштити здравјето на граѓаните и вработените, од денеска, 17 март, ќе работат со скратено работно време од 9 до 14 часот. Ова ограничување на работното време, како што соопштија денеска градските власти, нема да важи за градските инспектори и комуналните редари.
Скратеното работно време на службите на Град Скопје се воведува во согласност со мерките и препораките на Владата, за спречувањето на ширењето на коронавирусот.
Од Градот информираат дека шалтерите за даночни прашања во бараката со број 16 исто така ќе работат со скратено работно време, од 10 до 12 часот.
-Еден шалтер ќе работи за прием на документи, а втор за издавање на документи. Во бараката со број 16, граѓаните ќе може да влегуваат еден по еден, за да се овозможи заштита и на граѓаните и на вработените од ширење на корона вирусот. Апелираме до граѓаните кои надвор ќе чекаат ред за влез во бараката, да одржуваат меѓусебно растојание од минимум еден метар, соопшти Град Скопје.
Архивата на Град Скопје ќе работи од 9 до 14 часот.
За секоја промена на оваа новонастаната ситуација во земјава, од Градот посочуваат дека граѓаните ќе бидат навреме информирани.бт/ац/