Штип, 17 март 2020 (МИА) – Потребни се појасни мерки и конкретна стратегија за справување со ефектите што ќе ги предизвика пандемијата со коронавирусот, изјави Маријана Перковска од Текстилниот кластер.
Таа за МИА вели дека државата брзо реагирала со затворањето на училиштата, кафулињата и рестораните, но оти има доста други работи за кои треба појасно да се знаат и утврдат мерките за да не се соочиме со, како што вели, колабирана економија.
-Потребно е појаснување какви се тие евтини кредити кои се планираат, ако знаеме дека во текстилниот сектор поголем дел од компаниите имаат веќе хипотекарни кредити, потоа кој ќе гарантира за компаниите, како граѓаните и компаниите ќе плаќаат на пример струја по оваа криза. Ако не се дефинираат мерките точно и без стратегија се ќе биде на ниво на популизам. Во моментов нашата држава треба да се задолжува и сите треба да правиме разлика за што во овој момент се задолжува. Не е исто задолжување за проектот како што беше „Скопје 2014“ и сега кога државата ќе се задолжи, бидејќи се задолжува за здравјето на граѓаните, вели Перковска.
Според неа, треба да се направи и репрограмирање на давачките, а посочи и дека текстилната индустрија во овие моменти може да работи за потребите на државата, во услови кога се соочуваат со намалување на интензитот на работа, бидејќи испораките на репроматеријалите од странските партнери, потешко оди во овој момент.
Прашана зошто се има впечаток дека на текстилните компании и реалниот сектор кој е извозно ориентиран му одговара прогласување на кризна состојба, Перковска со одговор дека тоа е потребно заради заштита на женската популација во земјава.
– Станува збор за трудоинтензивна гранка, која во некои компании вработува и повеќе од 100 лица чија концентрација претставува опасност од ширење на коронавирусот и покрај преземените мерки, вели Перковска.
Кризната состојба, вели Перковска, ќе биде и оправдување кон странските компании, ако навреме не ги испорачаат производите.
– Во договорите сте се обврзале доколку навреме не испорачате нешто, да платите и пенали, кои ќе се рефлектираат и врз целокупната економија. Секој намален девизен прилив се рефлектира и на целата економија, а на партнерот треба и да му се исплати и добивката од еден производ. Големи се тие казни. Но, ако се прогласи кризна ситуација, ќе имаме оправдување пред нашите странски партнери, истакнува Перковска.
Прашана дали во текстилниот сектор се почитуваат препораките да не се шири коронавирусот, Прековска вели дека голем дел од работодавците се свесни за ситуацијата и преземаат мерки, дури дел од нив веќе презеле заштитни мерки од минатата недела. Перковска повика на одговорност и на работодавците и на работниците во овие моменти, а смета дека е потребна и поширока едукација на населeнието, особено работниците во фабриките за користење на заштитните ракавици и маски. вдј/бак/