Штип, 16 март 2020 (МИА) – Градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски денеска информираше дека општината во текот на изминатите денови има преземено низа мерки за спречување на ширење на вирусот Ковид-19, како што се превентивното миење на улиците, контејнерите, како и дезинфекција на објектите на сите градинки и неколку основни училишта.
-Со мерки во оваа насока и согласно препораките на Министерство за здравство, ќе продолжиме и понатаму, а се со цел да се заштити населението на територија на општина Штип од новонастанатата пандемија. Утрово остварив средба со директорката на Центар за јавно здравје, директорот на Клиничка болница Штип и директорката на Здравствен дом. На оваа средба разменивме информации во однос на состојбите во Општина Штип. До овој момент, во Штип нема заразени од вирусот COVID-19. Ние како Општина Штип во соработка со останатите релевантни институции преземаме низа мерки за спречување на ширењето на вирусот, изјави Бочварски.
Посочи дека е спроведена дезинфекција на автобусите за градски превоз на текстилните работнички. Од утре Центарот за јавно здравје-Штип ќе започне со втора дезинфекција на овие автобуси, како и на сите возила вклучени во такси превозот.
-Денеска пожарникарите по трет пат ќе ги дезинфицираат улиците и јавните површини со специјален течен концентрат за дезинфекција, рече Бочварски.
Општината предлага и заштитни мерки за заштита на здравјето на новинарите.
– Изјавите на медиуми ќе ги снимаме во мојот кабинет, а ќе им ги испраќаме на новинарите преку соодветни платформи за трансфер на видео записи. Преку постојана комуникација преку е-маил и преку телефон, тие ќе можат да ги поставуваат своите прашања, за на тој начин да се избегне загрозување на нивното здравје, истакна Бочаврски.
Тој додаде дека како институција презеле и низа на заштитни мерки за вработените во општината. Своите потреби и информации граѓаните ќе можат да ги реализираат со јавување директно во приемното одделение на броевите 032/226-650, 032/226-655 или 078/472-625 и одделението за администратирање на даноци 032/226-625, секој работен ден од понеделник до петок од 7:30 – 15:30 часот и преку официјалната веб страница на Општина Штип – www.stip.gov.mk. Наведува дека службите на Општина Штип се ставени во функција да им излезат во пресрет на сите граѓани, да ги информираат за начинот на достава, начинот на поднесување на барања и слични документи преку горенаведените начини за комуникација. вдј/вј/