Куманово, 16 март 2020 (МИА) – Надлежните од кумановскиот Дом за стари лица „Зафир Сајто“, денеска апелираа до семејствата на нивните корисници да ги одбегнуваат посетите, како дел од мерките за спречување и ширење од коронавирусот.
Оттаму информираат дека досега e извршена дезинфекција на целиот простор и постојано се презмаат заштитини мерки за корисниците. Од домот ги повикаа семејствата на корисниците да се информираат на дежурниот телефон и по електронска пошта и на овој начин да придонесат за заштита на своето и здравјето на нивните блиски. Надлежните велат дека се следат сите насоки и препораки од Владата, и ресорното Министерство.
Вработените се реорганизираат за да обезбедат што е можно подобри услови согласно состојбата.
-Како установа заедно со персоналот се реогранизиравме во насока да можеме да обезбедиме еден сигурен престој и доколку е можно да се заштитиме од појава на овој опасен вирус кој што знаеме дека токму старите лица се најзагрозена категорија и затоа мора да направиме се за да ги заштитиме и тие да бидат безбедни во нашата институција, додава Стојановски.
Хигиената е на прво место, преземени се сите мерки, набавени се дополнителни количини дезинфекциски средства.
– Наидуваме на некој начин на една нова состојба. Нашиот дом е од отворен тип, корисниците едноставно имаат навика да излегуваат, да си пазарат, да се дружат на градскиот плоштад, тоа на некој начин се смени за неколку дена, затоа персоналот е тука, постојано разговара им укажува на нашите корисници дека е од непроценливо значење за нив, а и за сите нас, и за нашето здравје, дека е потребно да се придржуваме кон препораките исто така и нивните семејства-нагласува Стојановски.
Во моментов во установата се згрижени околу 160-тина лица. ам/сст/