Скопје, 13 март 2020 (МИА) – Во тек е пријавувањето за Конкурсот за избор на идејно-обликовни решенија за изработка на прототип на сувенири за Старата скопска чаршија што го распиша Градот Скопје.
Конкурсот беше објавен во февруари месец, а е дел од иницијативата „Нови сувенири за Старата скопска чаршија“, која се спроведува во рамките на ROCK проектот што е дел од програмата Horizon 2020 и се реализира со финансиска поддршка од Европската унија. Крајниот рок за предавање на трудовите е 10 април 2020 година, до 12 часот, потсетуваат од Друштвото на ликовните уметници на Македонија со апел до своите членови за учество на конкурсот.
-Конкурсот има за цел да ја зголеми свесноста за значењето на оваа културноисториска целина во градот Скопје и да ги промовира нејзините вредности. Во тој контекс, понудените решенија треба да ги истакнат вредностите на културното наследство, старите занаети и да претставуваат одраз на традицијата и културните, историските, материјалните и духовните вредности на Старата скопска чаршија како заштитена културна целина од особено значење со богато културно-историско наследство, се наведува во конкурсот од Град Скопје.
Истовремено, се посочува, целта е преку овој конкурс да се овозможи и идентификација, промоција и вклучување на креативниот дизајнерски потенцијал со цел тој да даде свој директен придонес во креирањето на модерни и во духот на времето сувенири, како и да се подобри понудата на сувенири за Град Скопје со иновативен пристап на креативните индустрии, односно да ја збогати туристичко-комерцијалната понуда на чаршијата како еден од најатрактивните градски простори.
Конкурсните трудови до наведениот рок можат да се достават непосредно во Архивата на Град Скопје или да се испратат по брза пошта на адреса: Град Скопје, бул „Илинден“ бр.82, Скопје. (детали за конкурсот на следниот линк) вг/са/