Утрински Весник
Македонија

„НаТочак“ испратија барање за велосипедска програма за Парламентарните избори 2020.

„НаТочак“ испратија барање за велосипедска програма за Парламентарните избори 2020.

Скопје, 13 март 2020 

Седум граѓански велосипедски организации од 7 градови во државата (Скопје, Битола, Прилеп, Гостивар, Тетово, Штип, Кочани) денес испратија барање до политичките партии кои ќе учествуваат на изборите на 12-ти април за вклучување на визија и стратегија во нивната изборна програма за унапредување на велосипедскиот сообраќај во земја која важи за една со најнебезбеден моторен сообраќај во Европа, како и една од тие со најмногу жртви по глава на жител.

Дописот до партиите содржи 9 клучни барања кои организациите изминатите недели интензивно ги комуницираа во јавноста преку нивната кампања „Црвени велолинии“, а за кои тие сметаат дека е исклучително важно да бидат вметнати во изборните програми како ветување и обврзување за искрени, сериозни и посветени заложби за подобрување и ублажување на овој проблем на национално ниво.

Црвени велолинии асоцира на бојата на велосипедските ленти, но истовремено го претставува минимумот кој треба да се направи на поле на велосипедскиот сообраќај, а ќе адресира и други полиња: загадување, здравје, безбедност, климатски промени, квалитетна средина за живеење.

Барањата се следните:

1. ДОНЕСУВАЊЕ ПРАВИЛНИК ЗА ПРОЕКТИРАЊЕ И ИЗГРАДБА НА ВЕЛОСИПЕДСКА ИНФРАСТРУКТУРА

Стандарди за велосипедска инфрастуктура на кои ќе може да се повикаат сите општини (во моментот постојат само за автомобили, но не и за велосипеди), стандарди кои ќе создадат безбедни, одржливи и мултимодални улици за 21-ви век, без импровизации.

2. ВЕЛОСИПЕДСКИ ПАТЕКИ ЗА СИТЕ ПОГОЛЕМИ НАСЕЛЕНИ МЕСТА И НАЦИОНАЛЕН ФОНД ЗА ПОДДРШКА

Секое поголемо населено место мора да има план за унапредување на велосипедскиот сообраќај, но и посебен задолжителен буџет наменет за тоа. Владата да формира Фонд за финансиска и стручна поддршка.

3. МЕЃУГРАДСКИ ВЕЛОСИПЕДСКИ СООБРАЌАЈ И ВЕЛОСИПЕДСКИ ТУРИЗАМ

Уредување на велосипедски патеки со транспортна и туристичка функција помеѓу населени места и кон места кои имаат потенцијал за развој на туризмот, како и поврзување со соседните земји со безбедни велорути (Еуровело рутите и дополнителни).

4. МАКЕДОНСКИ ЖЕЛЕЗНИЦИ ДА ОВОЗМОЖАТ ПРЕВОЗ НА ТОЧАЦИ ВО ВОЗ

Како држава која претендира да биде членка на ЕУ, треба да се усогласиме со европските пракси, наскоро и обврски, по заложбите на Европската велосипедска федерација (ECF), која налага обезбедување на минимум 8 места за велосипеди во возовите кои оперираат на европско ниво, наместо забраната од Македонски Железници.

5. ВИЗИЈА ЗА НУЛА ЖРТВИ ВО СООБРАЌАЈОТ

Прифаќање и признавање на системска, а не само индивидуална одговорност за (не)безбедноста и жртвите во сообраќајот, и спроведување на низа поврзани и осмислени мерки за достигнување на нула жртви (Vision Zero), концепт кој го спроведуваат сè повеќе држави и градови.

6. ОСЛОБОДЕНИ ТРОТОАРИ, ВЕЛОСИПЕДСКИ ПАТЕКИ, ЈАВНИ ПОВРШИНИ

Спроведување на порестриктивна политика против окупирање на јавни површини и патеки на движење, наместо досегашната пракса на толерирање, како и формирање на комунална полиција, со цел овозможување на правото на слободно движење и создавање квалитетен јавен простор.

7. ЗАДОЛЖИТЕЛНИ ПАРКИНЗИ ЗА ВЕЛОСИПЕДИ ВО СТАНБЕНИ, КОМЕРЦИЈАЛНИ, ЈАВНИ ОБЈЕКТИ

Да се пропише бројот и типот на задолжителен велосипедски паркинг за сите новоизградени објекти како мерка за стимулирање на велосипедот како превоз, а за веќе изградените објекти да се бараат решенија.

8. ВЕЛОСИПЕДОТ – ДЕЛ ОД ОБРАЗОВНИОТ ПРОЦЕС

Задолжителна теоретска настава за сообраќај и практично образование за управување со велосипед во училиштата. Мобилни училишни и трајни градски велополигони за децата и создавање вешти и одговорни учесници во сообраќајот на велосипед. Осовременување на програмата за автошколите за поодговорни идни возачи.

9. ЕДЕН ДЕН МЕСЕЧНО – ДЕН БЕЗ АВТОМОБИЛИ ВО ЦЕЛА ДРЖАВА

Денот без автомобили да не е само инцидентна парада, туку да ја рефлектира неговата поента во вистинска смисла на зборот, за граѓаните да бидат свесни за бенефитите од не-автомобилскиот превоз. Власта да покаже искрена заложба за јавното здравје во реализацијата и успешноста на овие денови.

Важноста на овие барања се потврдува и во фактичката состојба со безбедноста на сообраќајот во нашата земја, каде што Р.С.Македонија е една од државите со најнебезбеден сообраќај во Европа, а познато е дека дизајнот на инфраструктурата е примарен фактор за безбедноста; стандардите и нормативите за планирање и проектирање на сообраќај се целосно автоцентрични и непроменети половина век. Немаме никакви стандарди за велосипедска и пешачка инфраструктура, а правилниците го фаворизираат автомобилот и големите брзини, наместо безбедноста. Дополнително, јавниот простор во нашите градови е целосно преплавен со автомобили. Правото на слободно движење на пешаците, луѓето со велосипед, луѓето со количка, родителите со деца во колички, сите граѓани е оневозможено, дури и загрозен им е животот, а граѓаните се изложени на големо загадување од штетни гасови, тврди честички и бучава кои потекнуваат од обемниот и брз автомобилски сообраќај

Поради тоа, овие барања треба да се сфатат сериозно и да се постапи по нив во најбрз можен рок, без одложувања, а не да останат само на ниво на ветување, туку и да се имплементираат на национално ниво и како дел од системска стратегија.

Организациите ветуваат дека ќе ги следат будно програмите на партиите во делот на ова прашање, но и истовремено ќе продолжат кон информирање на граѓаните за нивните 9 клучни барања.

„НаТочак“ – неформално здружение за урбан велосипедизам

_________________________________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Минчев: Имаме преголема и пребавна јавна администрација, работиме на нејзино кратење

Кичево – Охрид ќе биде завршен до крајот на 2026 година, ветува Николоски

ВО МАКЕДОНИЈА ДОАЃА ГОЛЕМ ВЛАЖЕН И ЛАДЕН ЦИКЛОН: Ќе донесе многу дожд, снег и снежна покривка од над 40 сантиметри!