Утрински Весник
Македонија

ЕСМ изработува проект за проширување на парно греењето во населбата Железара

ЕСМ изработува проект за проширување на парно греењето во населбата Железара

Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) го склучија договорот за изработка на основен проект за проширување на топловодниот систем кон скопската населба Железара. Во овој дел од Скопје ќе се проширува бројот на корисници на централното греење откако минатата година беше пуштена во употреба новата когенеративна гасна електрана „КОГЕЛ“ во кругот на скопската железарница. Со овој енергетски капацитет, за една третина може да се зголеми бројот на приклучени корисници на парно на територијата на општините Гази Баба, Бутел и Чаир.

„ЕСМ – Подружница Енергетика“ во моментов е втор по големина систем за дистрибуција на топлинска енергија во Скопје. На него се приклучени околу 3.500 домаќинства, 17 градинки, основни и средни училишта и повеќе од 35 правни субјекти во населбите Автокоманда, Железара, Триангла, Маџари и Хиподром. Сепак, податоците на Регулаторната комисија за енергетика покажуваат дека веќе години наназад не е инвестирано во проширување на дистрибутивната мрежа во овој дел на градот, чија должина во моментов изнесува 38 километри.

Со изработката на основниот проект, „ЕСМ – Подружница Енергетика“ ќе овозможи приклучување на нови субјекти на системот за централно греење во населбата Железара. Документацијата ќе ја изработи „БАР Е.Ц.Е.“ од Скопје за околу 3.400 евра. Носителот на набавката треба да го изготви основниот проект во рок од 30 дена од воведувањето во работа, се вели во објавениот договор на Електронскиот систем за јавни набавки.

Когенеративната гасна електрана „КОГЕЛ“ беше пуштена во употреба на 15 октомври 2019 година. Станува збор за десет гасни мотори кои имаат топлинска моќност од околу 26 мегавати. Вкупната инсталирана моќност на „ЕСМ – Подружница Енергетика“ изнесува 96 мегавати. Податоците од Регулаторната комисија за енергетика покажуваат дека вториот по големина топловоден систем во Скопје од година во година бележи зголемен број на корисници на централното греење.

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

Скопје никако да се спаси од загадувањето, повторно во топ 10 најзагадени градови во светот!

Д-р Јовановски на подкаст ЗРАК: Има различни методи на реконструкција по мастектомија

Кузмановска: Хема – Онко нуди поддршка за лицата заболени од канцер