Атина, 12 март 2020 (МИА) – Во присуство на претседателот на Грција Прокопис Павлопулос, претседателот на Меѓународниот Олимписки комитет Томас Бах и претседателот на Грчкиот Олимписки комитет Спирос Капралос, но без публика и со број на гости сведен на минимум поради коронавирусот, денеска во античка Олимпија, со помош на сончевите зраци ќе биде запален олимпискиот оган, јави дописничката на МИА од Атина.
Откако ќе биде запален, олимпискиот оган преку 31 грчки град, по поминати 3.500 километри, 15 археолошки локалитети, 822 наутички милји следната седмица, на 19 март, ќе пристигне на Олимпискиот стадион во Атина и ќе им биде предаден на организаторите на Летните олимписки игри во Токио.
Олимпискиот оган ќе патува на Пелопонез, оттаму преку атинското пристаниште Пиреас ќе стигне на островот Крит, па повторно назад во грчката престолнина за да замине за северна Грција и на крај, по седум дена да се врати во Атина и да преноќи на Акропол пред да им биде предаден на организаторите.
Во штафетното пренесување на факелот со олимпискиот пламен низ Грција, оваа година, за прв пат имаа можност да учествуваат и обичните граѓани, а во грчкиот Олимписки комитет стигнале 2.500 пријави.
Вчера, успешно заврши генералната проба на палењето на олимпискиот оган, што помина без публика поради вонредните мерки за заштита од коронавирусот.
Грчкиот олимписки комитет на состанокот одржан во понеделникот, „земајќи ги предвид последните одлуки на владата за заштита на јавното здравје“ поради Ковид-19, одлучи церемонијата на палење на олимпискиот оган за Летните олимписки игри, да се одржи без публика, само со 100 поканети претставници од Меѓународниот олимписки комитет и организациониот комитет „Токио 2020“ и со намален број новинари.
Од Грчкиот олимписки комитет упатија повик до градоначалниците на градовите низ кои ќе помине олимпискиот оган, да ги следат упатствата на Министерството за здравство на Грција и Националната организација за јавно здравје. ср/зс/