Утрински Весник
Македонија

Младите од Велес наскоро ќе добијат Младински креативен центар

Младите од Велес наскоро ќе добијат Младински креативен центар

Велес, февруари 2020 (МИА) – Во Велес со години наназад единствена забава во слободното време на младите се само кафулињата и дискотеките, а за некои од нив и сè побројните спортски обложувалници. Општина Велес во соработка со Агенцијата за млади и спорт, поддржани од Владата, а со цел творечки и креативно да го исполни нивното слободно време, но и да ги насочи кон вистинските вредности на животот, на крајот на февруари или во почетокот на март во просториите на локалната библиотека „Гоце Делчев“ за сите млади од Велес ќе отвори Младински креативен центар.

Во таа насока Општина Велес веќе оствари средби со младите од градот, за да ги слушне нивните идеи, потреби и сè она што сакаат и предлагаат да биде реализирано во рамките на Младинскиот креативен центар.

Младите ќе учествуваат во креирање на општинските политики, но и да го подобрат квалитетот на својот живот

Според градоначалникот Аце Коцевски, младите преку овој проект ќе добијат можност да станат и генератори на општеството.

Коцевски вели дека ја започнале иницијативата во Велес за формирање Младински креативен центар, а со цел младите да бидат поактивни и помобилни.

– Би сакал Велес повторно да биде најавангарден град во државта. Со овој проект младите ќе имаат можност да учествуваат во креирањето на општинските политики, како и во контрола на властите. Младите треба да бидат генератори на развојот на општеството и јас лично сè што постигнав во животот беше преку младинските организации, потенцира Коцевски.

Тој очекува дека ова катче ќе стане место за дружење и креативни идеи на младите од Велес, на кои ќе им се овозможи и креативно да се изразуваат. Тука ќе им се овозможи и заеднички да се договарат и да изнесуваат идеи како да го подобрат квалитетот на својот и животот на сите млади во локалната заедница во Велес, најави Коцевски.

Младите најдобро знаат што им е најпотребно на младите

Ѓорѓи Тасев, советник за млади во Владата, појаснува дека по неколку децении стагнација преку Младинскиот културен центар се прави нешто за младите што е од суштинска важност, бидејќи ќе им овозможи и на младите од Велес развој и активно учество во заедницата.

– Како Влада наша максима е дека младите најдобро знаат што им е најпотребно на сите млади луѓе. Затоа и овој проект претставува еден широк и инклузивен процес, потенцира Тасев.

Илија Станковски, претставник на Сојузот за младинска работа, информира дека тие моментално работат на воспоставување стандарди на младинската работа. Според него, младинските центри ќе имаат значајна улога во развојот на локалната заедница, но и на државата.

– Општина Велес е пријател на младите и на граѓанските организации и се надевам дека овој состав ќе развие функционален центар за млади, смета Станковски.

Дејан Ристов, претседател на невладиното здружение Активни граѓани „Активо“ од Велес, кое најмногу соработува и има повеќе заеднички активности и проекти со младите од Велес, ја поздравува иницијативата на Агенцијата за млади и спорт, која го препозна Велес како еден од градовите за формирање Младински креативен центар.

Тој потсетува дека низ годините наназад генерации млади од Велес преку разни настани и активности ја дресирале својата потреба до општинските власти за отворање Младински креативен центар,

– Младите ќе го наменат за свое творење, да прават младински иницијативи за ангажирање во локалната заедница и ова место би било погодно за нив. Тоа ќе биде еден вид собиралиште каде што младите креативно ќе се изразуваат со разни активности, а ќе се најдат и самите себеси, потенцира Ристов.

Младинскиот центар катче за подобрување на секојдневието на младите, но и за подигнување на младинскиот стандард

Дарко Каевски, директор на Агенцијата за млади и спорт, преку која се реализира отворањето на Младинскиот креативен центар, најави дека првично тој ќе профункционира во простории на локалната библиотека „Гоце Делчев“ на крајот на февруари или во почетокот на март. Воедно информира дека вакви центри, освен во Велес, ќе бидат отворени и во Куманово, Битола и во Кавадарци.

Тој појасни дека целта на Младинскиот центар е да биде место во градот каде што младите и младинските организации ќе бидат активни и ќе може да ги спроведуваат своите активности и младински политики.

– Воедно тоа ќе биде и можност младинскиот креативен капацитет да биде искористен и со тоа заеднички да го подигне младинскиот стандард во државата и да се подобри секојдневието на секој млад човек во општините и државата, потенцира Каевски.

Тој информира дека една од многуте причини за иселување на младите од земјава била и неможноста да имаат свои младински центри, а каде што тие ќе можат да ги искажат своите креативни способности од повеќе области.

– Затоа тие сега ќе добијат свои катчиња во кои ќе можат да ги искажат сите свои креативни способности во повеќе области, појасни Каевски.

Тој информира дека првично тоа ќе биде реализирано со преадаптација на постојни објекти, а потоа и со изградба на нови.

Во рамките на Младинскиот центар велешани по речиси 20 години ќе добијат и кино

Како што информира градоначалникот Аце Коцевски, првично за МКЦ се обезбедени три простории од сегашната локална библиотека, која порано беше пионерски дом, а претходно, многу одамна младински дом.

За МКЦ се планираат првично три простории од околу 66 квадрати и дворниот простор со површина од околу 800 квадрати, како и големата сала „Бели мугри“, која сега е во рамките на локалната библиотека.
Локалната власт планира оваа сала да прерасне во мултимедијален центар со 180 квадратни метри и 254 седишта, кој ќе биде наменет за кино. За таа цел локалната власт веќе распиша тендер за набавка на најсовремена опрема за проекција на филмови. Со тоа постарите велешани повторно, а младите првпат ќе добијат и кино.

Младите го очекуваат отворањето на Младинскиот културен центар

Матурантката Тина Божинова од Велес, која е активна во младинските организации и бројни младински акции и разни работилници, смета дека е за почит оваа идеја на Општина Велес и  Агенцијата за млади и спорт.

– Свесни сме дека донесената одлука за отворање на Младинскиот креативен центар во Велес е резултат на долгогодишни напори на локалната власт и долгоочекуваната поддршка што ја даде оваа влада, која мисли и на нас младите и тоа го реализира. Ние со радост ја примивме убавата вест и нестрпливо очекуваме да започне да функционира, потенцира Божинова.

Според неа, како што кажува и самото име Младински креативен центар, тоа ќе биде место што ќе биде синоним за работата на младите и нивното творештво.

– Место што ќе биде извор на идеи, нови можности, каде што младите од нашиот град ќе имаат катче во кое на најквалитетен и ефикасен начин ќе го трошат своето слободно време во создавање трајни културни вредности и личен развој. Голема предност е што ние самите ќе можеме да избереме во какви активности сакаме да бидеме дел и да го дадеме најдоброто од себе, потенцира Божинова.

Појаснува дека од локалната власт добиле одлична можност како млади луѓе сами да се договорат и да одлучат што сакаат да реализираат во МКЦ.

– Ние, младите средношколци, но и останатите млади, како студенти, вработени и невработени, на неколку заеднички состаноци веќе договараме за што ќе го користиме добиениот простор. Во него планираме да бидат отворени голем број едукативни работилници на разни теми, ликовни работилници, курсеви и школи за разни танци и концерти, како и вокални изведби, театарски претстави, изведувани од нас, младите, за младите. Планираме и промоции на книги од млади автори и широк спектар на активности. Воедно содржините во МКЦ континуирано ќе ги зголемуваме со нови креативни идеи, а во согласност со потребите и барањата на младите од градот, појаснува Божинова.

И за младата Мартина Петрова, невработена правничка, неспорна е важноста за постоењето на Младинскиот креаивен центар.

– Верувам дека и кај останатите граѓани, а посебно кај младите креативци, постои голема возбуда и нетрпеливост што поскоро да ги добијат на користење предвидените простории, вели Мартина.

Средношколецот Јован Јовановски потенцира дека и тој, како и најголем дел од младите од градот, со нетрпение очекува да профункционира Младинскиот креативен центар.

– Младинскиот креативен центар ќе стане наше младинско катче, збиралиште во градот каде што ќе доаѓаме во слободното време. Тука преку разни активности и работилници од разни области ќе можеме на дело да ги презентираме своите творечки способности. Воедно ќе можеме и да се дружиме, да комуницираме и да се запознаваме преку креативно творештво, а не бескорисно да седиме во кафулињата или со часови на социјалните мрежи, потенцира младиот Јован Јовановски.

Ангела Донева, штотуку дипломирана професорка по англиска книжевност, потсетува дека Велес низ историјата и денес претставува поим за култура, град на поезијата и голем број  културни манифестациии, а кои секогаш успевале и успеваат да обединат голем број граѓани, а посебно младите.

– Ние, младите во Велес, со Младинскиот креативен центар многу скоро ќе имаме свој простор во градот за одржување на сите културни и други манифестации и активности. Тоа ќе стане наше катче – наш втор дом каде што корисно и креативно ќе го исполнуваме своето слободно време и ќе учиме за вистинските вредности од разни области, посебно од културата. Воедно ќе добиеме и место каде што ќе можеме вистински и директно во меѓусебна комуникација да се дружиме, но и да го трасираме својот творечки и животен пат, потенцира Донева.

Антоанела Димитриевска

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Лефков: ЈО да не молчи, да не чека и да реагира експедитивно за Дрин Ахмети, кој заработувал милиони без да плати соодветен надоместок за концесијата

СДСМ: Скандал, фирма на Божиновска должела речиси 1 милион евра на МЕПСО

Мицкоски со поголема плата од премиерите на Србија, Црна Гора, БИХ и Косово