Утрински Весник
Македонија

Три политички партии веќе доставиле листи за изборите на 12 април до ДИК

Шабани: Граѓаните и сега можат да проверат дали ги има во Избирачкиот список

Скопје, 11 март 2020 (МИА) – До Државната изборна комисија (ДИК) до денеска кандидатски листи доставиле три политички партии. Рокот за доставување листи за претстојните предвремени избори на 12 април завршува утре на полноќ. Портпаролот на ДИК Адмир Шабани за МИА вели дека и покрај состојбата со корона вирусот и мерките што се преземени, ДИК продолжува да работи, но истовремено ги почитува и мерките на Владата.

-Постапуваме по заклучоците на Владата. Едукацијата на избирачките органи е одложена, а ќе се постапи и по укажувањата да се замени медицинскиот персонал во ОИК и Избирачките одбори. Ние продолжуваме со работа. Како ќе се постапи понатаму зависи од одлуките на Владата и од она што ќе биде исход од утрешната средба на лидерите, рече Шабани.

До ДИК до денеска листи доставиле Работничката партија за шест изборни единици, ГДУ за пет изборни единици и Глас за Македонија за пет изборни единици.

Најголемите политички партии во земјата веќе ги соопштија и ги презентираа носителите и кандидатските листи. ДИК, како што потенцира, Шабани утревечер до полноќ, како што е предвидено со Деловникот за работа за изборите на 12 април ќе ги прима листите од учесниците на изборите.

Вечерва на полноќ, пак, завршува рокот за увид во Избирачкиот список и за пријавување на дијаспората за гласање на предвремените парламентарни избори. ев/скс/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Лукаревска: Ги презедовме сите мерки за да ги заштитиме работничките права

Телефонски разговор Муцунски – Велдкамп

Николоски: Наша визија и изградба на брза пруга на Коридор 10 и изградба на слободни економски зони покрај пругата